fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Кафето на берзите е најскапо во последните 10 години, какви се очекувањата за во иднина

Се очекува цените да останат високи и нестабилни и во иднина

Цените на кафето достигнаа највисоко ниво во последните 10 години, а аналитичарите очекуваат тензиите на пазарот да продолжат до 2023 година.
Договорите за испорака на кафе во понеделникот завршија со тргување со 2,34 долари за нешто помалку од една фунта. Во четвртокот фјучерсите за кафе на Њујоршката интерконтинентална берза достигнаа 2,46 долари, што е највисока цена од 2011 година, кога кафето ја проби вредноста од три долари за половина килограм, пишува CNBC.
Во меѓувреме, референтната цена на Меѓународната асоцијација за кафе во петокот беше 2,07 долари за фунта, што е за 85 отсто повеќе од претходната година. Оле Хансен, менаџер за стоковна стратегија во Saxo Bank, вели дека во изминатите 12 месеци „имаше совршена бура што му даде поттик на нашето сакано зрно“.
– Идната цена зависи од тоа колку ќе траат овие настани. Мислам дека треба да се фокусираме на она што се случува во Бразил оваа година, каде имавме ниски температури и мраз што влијаеше на некои области на одгледување, а имаше и период на суша. Сето ова го доведува во прашање родот во 2022 година – изјави Хансен, пренесува Index.hr.
Хансен додаде дека овие неповолни временски услови ќе влијаат на приносот на крајот на оваа година, како и во 2022 година, а потенцијално и во 2023 година.
– Видовме како кафето поскапе на околу три долари во 2011 година, кога имаше проблеми и во Бразил. Ова се навистина бројки кои поттикнуваат шпекулации за достигнување на тоа ниво. Доколку проекциите за Бразил во наредните месеци продолжат да го потврдуваат падот на производството, тогаш ризикот од пораст на цените е многу реален.
Поради лошите временски услови, глобалните ограничувања на понудата имаа значително влијание на пазарот на кафе бидејќи производителите и пржилниците, компании кои го преработуваат кафето во производ што го пиеме, често се наоѓаат во различни земји.
Несигурноста на пазарот, исто така, произлегува од извозниците, како што е Етиопија, која е на работ на граѓанска војна и Виетнам, кој забележува зголемување на случаите со Ковид-19 што може да го наруши производството.
– Мислам дека имаме пазар во целина, кој за прв пат по неколку години почна да покажува одредена тензија – додаде Хансен.
Максимилијан Копстејк, извршен директор за продажба на европско кафе во Marex, вели дека цената на кафето е зголемена главно поради дислокациите на товарот.
– Во последните пет до осум години, имавме понуда фокусирана на една или две големи области за производство на кафе, Бразил и Виетнам. Ако имате штета во тие земји, пазарот одеднаш полудува во обид да ги поттикне другите земји да произведуваат кафе. Ова е фундаментален принцип, а кулминацијата дојде со нарушување во превозот.
Копстејк истакна дека се потребни околу две години за производството на кафе да одговори на промената на цената.
– Кога цената расте, секоја кесичка кафе достапна во магацинот на секој земјоделец ја носите на пазарот за да ја комерцијализирате бидејќи цените се одлични. Значи, постои поттик да се сади повеќе, но и да се намалат залихите во земјата на производство и тие залихи да се доведат до нивната дестинација. Мислам дека тоа е веројатно во тек.
Тој додаде дека очекува цените да останат високи и нестабилни и во иднина.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close