Состојбата со водоснабдувањето на Тиквешко поле е алармантна, велат земјоделците од тој крај. Многу канали не се во функција, а има и многу дефекти на водоводната мрежа. Покрај реагирањето на лозарите, градинарите и овоштарите состојбата не е променета. Забележуваат дека водната заедница нема слух за нив и покрај тоа што редовно плаќале. Како што се зголемуваат температурите, се зголемува и потребата за вода. Земјоделците се плашат дека нема да може да ги вклучат пумпите за активирање на системите капка по капка и ќе имаат дополнителни проблеми. Посочуваат дека за време на кампањата им било ветувано подобрување на хидромелиоративната мрежа .
Ванчо Малзарков технички директор на АД Водостопанство на Македонија вели дека сезоната за наводнување е почната и потврдува дека се јавуваат проблеми со наводнувањето.
-Правиме максимални напори да им излеземе во пресрет на корисниците на вода. Преземаме мерки, сите екипи се на терен и работат на отстранување на проблемите. Особено има многу дефекти во тиквешкиот дел каде се гради автопатот Градско – Прилеп, а не се наша вина. Вработените работат , ќе биде успешно , само треба малку трпение, изјави за Зелена берза директорот Малзарков.
Неофицијално дознаваме дека има голем број на дефекти, а мал е бројот на вработени кои треба истите да ги санираат.
Земјоделците реагираат дека ако за брзо не се реши проблемот со наводнувањето голем дел од засадените градинарски култури ќе им се исушат. Тоа ќе им предизвика големи загуби особено на оние кои што имаат веќе договорено производство за откуп.
П.Ј.