Продолжуваат проблемите со откупот на бостан во струмичко
Трговците најавуваат стабилизирање на пазарот со бостан и продолжување на откупот, земјоделците го тврдат спротивното, откупот е слаб, а цената ниска. Ваква е моменталната слика во Колешино, еден од најголемите производители на бостан во струмичко. За земјоделците цената од три денари е под секоја пазарна логика, а откупот се врши селективно. Велат во моментов секоја интервенција е задоцнета бидејки половина од производството веќе скапувало по нивите.
-Ќе остане по нивите. Бостанот е стасан целиот а нема откуп. На ден по еден камион не врши работа, затоа под итно владата мора да преземе нешто, вели Митко Стојанов, производител на Бостан од Колешино.
-Само нека почне. Ние ако почне ќе ги поздравиме и ќе аплаудираме, ама не верувам, си отиде робата, заврши работата. Педесет, а можеби и седумдесет проценти гние по нивите. Каква интервенција, на што ќе дадат интервенција , на што ќе дадат интервенција кога ние немаме продадено ништо, вели Алекса Миланов, производител од Колешино.
На теренот денеска со откуп започна уште една фирма. Во наредните неколку дена најавуваат дека само тие ке откупат околу 700 тони бостан. Велат селекција нема и откупуваат од сите производители.
-Овие камиони што се товарат директно одат за Косово. Купците од Косово до сега товареа од Албанија. Значи по некои си договори имавме таму склучено и моравме да го исполниме тој договор. Претставници од Косово дојдоа на лице место тука, видоа дека за разлика од албанскиот бостан што го имаат сега таму нашиот е многу поквалитетен изразија желба да дојдат тука да видат, видоа и еве сега сме тука моментално да откупиме некаде 600 до 700 тони бостан, вели Митко Караиванов, откупувач.
Освен од Колешино денеска реагираат и производителите на бостан од селото Зубово. Тие нивното незадоволство го изразија со мирен протест пред еден од откупните пуктови од каде ги повикаа владата и ресорното министерство итно да реагираат и да најдат начин да се реши проблемот.