Агро бизнисБез категоријаВестиВиноМакедонијаРурален туризамТоп вести

Михаил Корубин со прва арт-етикета за вино: Ги насликав сите вкусови и ароми на ” Carmenere”

Вкусот на Carmenere се состои од ноти на пиперки, тутун, темно чоколадо и цреша...

Вкусот на Carmenere се состои од ноти на пиперки, тутун, темно чоколадо и цреша, оттаму на етикетата преовладува црвената боја која асоцира на пиперките, темно кафените очи како чоколадо, златно жолти тутун листови како и рамката на сликата која потсеќа на цреша. Самиот лик е лоциран во нивната винарија, во нивните лозја, движејќи се кон нивната градба која потсеќа на замок и се одразува како огледало во нејзините очи, носот е заруменет впивајќи ги сите тие мириси кои произлегуваат од ова вино, вели Корубин за новиот уметнички предизвик во разговорот за „Независен“

Неговата уметност како  една бескрајна приказна, со лик и поглед на темно кафени очи како чоколадо, ве следи како нов креативен предизвик додека дегустирате и уживате во новото вино на „Камник“-” Carmenere”.

Михаил Корубин , од семејството на славни сликари како дедо му Миле и татко му Рубенс Корубин, за разлика од многу други оваа година можеше да се посвети комплетно  на работата и прв пат да ја примени својата уметност на етикета за вино.

Зошто, ако низ виното се кажани толку многу приказни, толку многи идеи родени , солзи исплачени, песни препеани, некако убаво е да седиш во тоа друштво па макар и како едно стаклено шише вино со кое можеш да размениш погледи, во продолжение на разговорот за  „Независен“.

Не би правел арт етикета за секое вино или за која била винарија, важна ми е комуникацијата со луѓето, слободата која би ми ја дале за да се изразам во право светло и се разбира квалитетот на виното, сепак би сакал да биде еден убав комплетен пакет

Како дојде до соработката со винаријата „Камник“?

Винаријата Камник и нивниот PR- тим првично ме повикаа на неформален разговор за да ја разгледаме нивната идеја околу проектот кој го имаа замислено за едно сосема ново вино на нашиот пазар ” Carmenere”.  После еден убав разговор ми дадоа комплетна слобода да се изразам уметнички, никој не знаеше како ќе изгледа сликата се до самиот крај кога им ја претставив веќе завршена. Откога ја погледнаа никнаа неколку интерни погледи и насмевки меѓу нив и тогаш знаев дека сме ја постигнале она што го бараме од прва, издишав  па се насмеав и јас. Возбудливо е да ги гледаш луѓето како за прв пат го гледаат делото кое го нарачале, нивниот прв поглед и впечаток кога се открива сликата кажува се.

Кој беше моментот кој ве инспирира да дадете свој уметнички печат на етикета за вино?

Досега немам правено ваков проект па самата идеја беше интересна како предизвик.Јас сум уживател на вино и знам колку може да биде комплексно и богато со ароми, танини и вкусови, па затоа ми беше и полесно да се инспирирам за да почнам однекаде. Во моите слики има многу колорит и брзо можев да се врзам со вкусовите на ова вино. Некако отсекогаш сум сакал да направам арт-  етикета за вино, ме влечела таа идеја со години. Низ виното се кажани толку многу приказни, толку многи идеи родени , солзи исплачени, песни препеани, некако убаво е да седиш во тоа друштво па макар и како едно стаклено шише вино со кое можеш да размениш погледи.

Дали знаевте за која сорта вино ќе дизајнирате етикета? Во тој контекст, дали само уникатно вино може да има ваш потпис, од реномирана винарница, или во прашање беше креативната слобода која ви беше дадена?

Да, знаев за кое вино се работи и веднаш ми дадоа да го дегустирам за да ми помогне околу идејата и инспирацијата. Не би правел арт етикета за секое вино или за која била винарија, важна ми е комуникацијата со луѓето, слободата која би ми ја дале за да се изразам во право светло и се разбира квалитетот на виното, сепак би сакал да биде еден убав комплетен пакет. Тоа со Камник го најдов брзо и затоа соработката беше лесна и возбудлива.

Виното е прекрасно и веројатно различно за повеќето уживатели на вино од се што пробале до сега

Дали ви се допадна виното?

Јас лично прв пат пробав вино од оваа сорта 100% Carmenere, сорта која досега ја немало на нашиве простори. Виното е прекрасно и веројатно различно за повеќето уживатели на вино од се што пробале до сега. Доколку сакате да пробате нешто уникатно кај нас, топло ви го препорачувам ова вино.

Дали пиете вино и во кои пригоди?

Да, пијам и црвено и бело, но кое вино кога најмногу зависи од храната која ја јадам тогаш, генерално со месо и некоја потешка храна бирам црвено, додека бело вино претежно со морска храна, иако и не ми е проблем да измешам. Летно време повеќе пијам бело вино но понекогаш кога е многу топло  знам да се напијам Шприцер. Ако сакаш пригода секогаш ќе најдеш, но во овој период знаеме со Керол да се напиеме дома после работа и да тестираме разни вина, особено оваа година кај што нема многу други пригоди за жал, па затоа ќе си смислиме некоја.

Која е приказната зад етикетата со потпис Михаил Корубин? Како ја создававте и како ги комбиниравте боите? Со какви „очи“ ја видовте винаријата „Камник“?

Приказната се создаде од целoкупната атмосфера, просторот во кој се прави виното, лозјата, и најмногу вкусот и мирисот на виното. Вкусот на Carmenere  се состои од ноти на пиперки, тутун, темно чоколадо и цреша, оттаму на етикетата преовладува црвената боја која асоцира на пиперките, темно кафените очи како чоколадо, златно жолти тутун листови како и рамката на сликата која потсеќа на цреша. Самиот лик е лоциран во нивната винарија,во нивните лозја, движејќи се кон нивната градба која потсеќа на замок и се одразува како огледало во нејзините очи, носот е заруменет впивајќи ги сите тие мириси кои произлегуваат од ова вино.

Ова дело е mixed media art, односно се употребени класични сликарски техники на платно во комбинација со дигитална обработка која е потребна за ваков вид на проект

Која техника е користена и дали ова е ваш прв предизвик од ваков тип на , јас би ја нарекла, дизајнерска уметност?

Во случајов може да ја наречеме и применета уметност. Јас делото го направив како и секое друго дело кое го правам, само во овој случај музата беше едно вино и сите негови ароми и вкусови. Оттаму креативниот процес ми е ист како и за другите дела. Ова дело е mixed media art, односно се употребени класични сликарски техники на платно во комбинација со дигитална обработка која е потребна за ваков вид на проект. Ова не ми е прв пат да навлезам во овој вид на творење, сум имал и неколку слични концепти за кои сум работел во минатото, но прв пат за етикета за вино.

Дали идејата беше вашата уметност да ја пресликате на етикетата или сакавте да насликате еден поинаков Михаил Корубин?

Сакав дизајнот на виното да биде во мој стил, сакав да биде препознатливо по она што го творам и мислам дека се гледа тука тоа. Процесот ми беше скоро ист како и за секоја друга слика, единствено овде што приказната беше веќе створена и требаше да ја пренесам низ мојата призма.

Каде може да се најде виното?

Виното може да најде на веб страницата wine.mk, продавницата на Камник во центарот на Скопје, Библиотека, како и во сите специлијализирани продавници за вино.

Дали ваквите креативни предизвици ве оддалечуваат од вашата уметност или напротив?

Напротив, со секое вакво ново искуство добиваш нови креативни предизвици,  учиш нови вештини кои кога тогаш ќе ти помогнат и прошират опусот на твојата работа. Со секое ново дело кое е различно од претходното или со секоја нова користена техника во вашето следно дело вашата имагинација и мозок-раце релација се се’ поодврзани кон вашата креација.

Претходната година создадов сосема нов уметнички проект кој го нареков нареков “Артокенс” кој е кованица од два збора “Арт” и “токен” кои што на кратко би значеле уметнички симболи/ Фото: Б. Грданоски

Што работите во моментот?

Во овој период си работам стандарно на моите дела каде што превладуваат ликови, но оваа година си дозволив да експериментирам со нив многу повеќе. Сфаќам дека со секоја нова серија на слики останува некој дел од нив кој можеби ќе се појави во наредната серија па макар и да е и една линија. Досега имам насликано ликови во многу различни фази и стилови и сите тие на еден начин се поврзуваат, надополнуваат и го креираат следниот. Претходната година создадов сосема  нов уметнички проект кој го нареков нареков “Артокенс” кој е кованица од два збора “Арт” и “токен” кои што на кратко би значеле уметнички симболи. Артокените се артистичка репрезентација на одредени и одбрани зборови кои означуваат чувства, емоции, карактери, природни појави итн.. Секогаш создадени и оформени од скоро совршени едноставни геометриски форми, како круг, триаголник, квадрат и слично. Преку тие форми целта ми е да обработам еден збор  во еден минималистички запис објаснувајќи го  неговото дејство со кое  би му дал значење во форма на симбол. Сите Артокени се цртани рачно од мене и се  претворени во лимитирани едиции на цртежи. Подетални информации за Артокенс може да видите  на мојот веб-сајт mihailkorubin.com.

Колку Ковид ви ги смени плановите, колку ви затвори едни врати, а колку ви отвори нови врати?

Се разбира ми ги затвори сите планови за социјални настани и изложби кои ми беа планирани тука како  и надвор од Македонија. Немаше место годинава за некои нови настани и планови но од друга страна оваа година ми беше многу плодна креативно. Бев многу блиску до мојата планирана изложба тука кога започна сево ова, но за жал се случи што се случи, во секој случај ќе бидам уште поспремен за следната можност. Јас за разлика од многу други оваа година можев да се посветам комплетно  на работата така што на тоа поле не можам да се пожалам. Се надевам на еден или друг начин ќе ни се отворат повторно вратите за уметноста набрзо и интересот ќе биде поголем од кога било.https://nezavisen.mk/mihail-korubin-so-prva-art-etiketa-za-vino-gi-naslikav-site-vkusovi-i-aromi-na-carmenere/

 

 

Слични написи

Back to top button
Close