Протестираа жителите на Шупљи Камен, новата пруга ги оставила без пристап до нивите и реката
Жителите на кумановското село Шупљи Камен вчера излегоа на потест, затоа што со изградбата на новата пруга останале без пристап до обработливите земјоделски површини и реката на која ги напојуваат стадата.
Тие бараат да се обезбедат пристап до патиштата кои ги користат, бидејќи тоа им е оневозможено откако била поставена заштитна, жичана ограда покрај пругата, објави kumanovonews.mk
„Сакаме пристапен пат до полето, до реката, да инвестираме, да живееме. Од Македонски железници не лажат цело време, ни ги пресекоа патиштата, нема сега каде да одиме. Ова е мирен простест, тие се поканети, но никој не сака да дојде“, истакна Гоце Станковски, претседател на месната заедница.
Во април, годинава имале состанок со сите надлежни фактори, при што е постигнат договор, да се излезе во пресрет на нивните барања. Сега жителите бараат да се почитува потпишаниот договор, да им се овозможи користење на патните премини, се додека не се направи ветениот премин на сред село.
„Договорот беше да се направи тој премин во сред село, заклучно со 31 август. Додека не се направи преминот за да може месното население да функционира со возила, и да имаат пристап до нивите, пасиштата и реката времените два премини кои ги користиме сега да останат во функција. Тоа еднострано е прекршено од нив, настрана од фактот што и временскиот рок е веќе поминат за речиси два месеца“, истакна Драган Јовановски, жител на селото.
Мештаните велат дека во оваа ситуација се принудени да поминуваат преку надвозникот што го продолжува патот за 4 километри, во еден правец.
Според надлежните од ЈП МЖ- Инфраструктура на голем дел од барањата на жителите им е излезено во пресрет, но свесни се дека при секоја изградба на голем инфраструктурен објект не е се перфектно како што сака месното население.
„Во тек сум со овој случај и дека локалното население се соочува со некои мали непријатности со изградбата на ова секција на пругата. На голем дел од нивните барања одговоривме позитивно, на пример се изгради пристапен пат. Притоа на неполни 500 метри постои надвозник со кој би имале безбеден премин и асфалтиран е околу 300 метри пристапен пат, кој што е во интерес на граѓаните таму. Ние и понатаму стоиме на располагање на сите жители од ова населено место, се што можеме да направиме за да го олесниме нивното функционирање, но никако и поминување преку пругата“, истакна Синиша Ивановски, директор на јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура.
Во Шупљи Камен, има 120 куќи, но и голем број на новоизградени викендици. Населението се занимава и со земјоделство и сточарството, и затоа и им е неопходен пристап до реката Пчиња.
За протестот се известени и МЖ- Инфраструктура, компанијата Страбаг, Министерството за внатрешни работи и општинските служби.
Жителите на Шупљи Камен продолжуваат со протести, за кои не ја исклучуваат можноста и за радикализација се додека не се сретнат со претставници на МЖ- Инфраструктура.