вестиСовети

ПРОТОКОЛ ЗА ДОБРА ЗЕМЈОДЕЛСКА ПРАКСА ПРИ ОДГЛЕДУВАЊЕТО НА ЈАБОЛКА

jabolka

 1.    Предуслови за подигнување на насад

 Досегашна пракса: Постои голема традиција на одгледување на јаболка во Битолскиот регион. Предусловите играат огромна улога пред започнувањето и при одгледување на оваа земјоделска култура, но најчесто се анализирани од аспект на традиционалното искуство и можноста на пласман на производството.

Препорачана пракса: Пред подигнување на насадот потребна е подетална анализа на условите на одгледување, подобра организација на насадот (можност за непречена механизирана обработка, транспорт на производот и сл.), можноста за користење на технички и логистички фактори (локални пазари на овошје и зеленчук, ладилници, транспортни и преработувачки капацитети и сл.) и користење на техничка и стручна поддршка и помош.

Педоклиматски услови

 Досегашна пракса: Анализа на педоклиматските услови не се спроведува. Согледувањето на погодноста на одгледување на оваа култура во овој регион се темели на повеќегодишното искуство.

Препорачана пракса: Пред започнувањето со одгледување на оваа култура потребна е детална анализа на педоклиматските услови. Потребно е консултирање на метеоролошките податоци и на резултатите добиени од почвените анализи. Преку анализа на овие параметри можат да се добијат заклучоци за изборот на подлогата, сортата и системот на одгледување.

Почвени параметри

 Досегашна пракса: Не се врши анализа на почвата и одредување на нејзината погодност за одгледување на јаболка.

Препорачана пракса: Анализа на почвата треба да се спроведе пред секое подигнување на нов насад и на секои 5 (пет години) во тек на одгледувањето. Јаболкото во однос на барањата на типот и структурата на почвата најдобро поднесува почви со длабочина на почвен слој >50 cm, со добра пропустливост, pH реакција од 6,5 до 7,5 и содржина на активен варовник под 10%.

 Климатски параметри

Досегашна пракса: Погодноста на климатските услови за одгледување на јаболкото се одредуваат врз база на сопственото искуство и убедување на производителот.

Препорачана пракса: Пред подигнувањето на нов насад потребна е детална анализа на климатските услови кои владеат во дадениот реон на одгледување. Анализата на овој параметар ќе го одреди типот на производството, начинот на наводнување и изборот на соодветна подлога и сорта. Климатските услови на реонот на одгледување мора да овозможат истакнување на позитивните карактеристики на сортата и квалитетот на плодовите.

Параметрите за климатските услови во дадениот реон можат да се добијат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Одржување на природниот агроекосистем

 Досегашна пракса: Свеста на производителите во однос на овој параметар е на многу ниско ниво.

Препорачана пракса: Се препорачува примена на мерки за зачувување на природната средина: директна биолошка контрола, одржување на околни некултивирани површини, поставување гнезда за корисни инсекти и сл.

 2.    Избор на саден материјал

 Досегашна пракса: Производителите се запознаети со квалитетните карактеристики кои треба да ги поседува садниот материјал, но најчесто многу не се води сметка за квалитетот при изборот на саден материјал.. Пресудна улога при изборот на саден материјал има сортата.

Препорачана пракса: Од квалитетот на садниот материјал во голема мерка ќе зависи натамошното успешно и квалитетно производство на јаболка. Садниот материјал треба да е со добро развиен коренов систем, со одлично поврзување на спојното место, минимална висина од 110 cm меѓу круната и последната задрвенета пупка и минимална висина од 15 cm меѓу круната и линијата на калемот. Мора да се користи деклариран (сертифициран) саден материјал, произведен во рамките на националната програма за производство на саден материјал. Користењето на саден материјал од сопствено производство не е дозволено, освен ако истото не е уредно пријавено во МЗШВ (Член 18 став 3 од Закон за семенски и саден материјал за земјоделските растенија Сл. Весник на Р.М бр. 39/2006).

Избор на подлога

 Досегашна пракса: Изборот на подлогата го вршат врз база на сопственото искуство и преку меѓусебни консултации. Најчесто се користи подлогата ММ 106, која спаѓа во групата на средно бујни подлоги.

Препорачана пракса: При изборот на подлогата треба да се имаат предвид следниве карактеристики:

  • отпорност на болести и штетници;
  • адаптибилност на почвено-климатските услови;
  • добро вкоренување;
  • долговечност;
  • погодност за интензивни системи на одгледување;
  • обезбедување на постојана и квалитетна родност.

Се препорачува употреба на слабо бујни подлоги погодни за одгледување на интензивни јаболкови насади од типот на М 9 со неговите клонови.

Избор на сорта

 Досегашна пракса: Изборот на сортите е ограничен како од достапноста на садниот материјал на пазарот, така и од познавањето на сортите од страна на самите производители. Сортата се избира врз база на сопственото убедување на производителот. Најчесто користат сорти кои ним им се познати и сорти кои ги бара локалниот пазар. Сортиманот е застарен. Најзастапена сорта е Ајдаред.

 Препорачана пракса: Изборот на сортата е клучен фактор за постигнување на добар квалитативен стандард на производството. При изборот на сортата треба да се земат предвид следниве карактеристики:

  • принос;
  • органолептички карактеристики и големина на плодовите;
  • погодност на плодовите за манипулација, пакување и чување;
  • времето на цветање и зреење;
  • отпорноста на болести и штетници.

За овој реон не се препорачуваат сорти со екстремно доцен период на зреење и сорти кои се чувствителни на болестите и штетниците. Исто така се препорачува постепено намалување на застапеноста на сортата Ајдаред и замена на истата со сорти кои се бараат на светскиот пазар. Ова ќе овозможи поголема конкурентност на производот на европскиот пазар. Во моментот најбарани сорти на европските пазари се: Пинк лејди, Гала, Фуџи, Златен делишес и др. (Анекс 1)

1.    Техника на одгледување

 Систем на одгледување, растојание на садење

 Досегашна пракса: Насадите се полуинтензивни. Системот на одгледување е застарен и слабо продуктивен, неправилна палмета со растојание на садење 3.5-4 х 2-2,5 m.

Препорачана пракса: Се препорачуваат интензивни системи на одгледување со употреба на слабо бујни подлоги.

 

Систем на одгледување Растојание на садење (m)
Бујни и средно бујни подлоги Слабо бујни подлоги
Витко вретено 4.0 – 4.5 х 1.5 – 2.0 3.8 – 4.0 х 1.0 – 1.5
Северно холандско вретено 3.5 – 4.0 х 1.5 – 1.8 3.5  – 4.0 х 1.0 -1.3

 

Резидба

Досегашна пракса: Производителите релативно добро ја спроведуваат резидбата. Се регистрираат пропусти при спроведување на оваа мерка, таа е недоволно стручна и често неправилна. Поради начинот на резидба честа е појавата на алтернативна родност кај поедини сорти.  Се применува само зимската резидба. Изостанува летната резидба од недоволна информираност на производителите за потребите од истата.

Препорачана пракса: При резидбата се отстрануваат неродните гранчиња и старото родно дрво. Се препорачува зелената резидба во периодот на крајот на јуни и почетокот на јули.

Опрашување

Досегашна пракса: Не се води сметка за опрашувањето, многу од насадите се едносортни. Во оние насади каде што се застапени повеќе сорти изборот е извршен случајно, нестручно.

Препорачана пракса: Во насадите треба да се засадени и сорти опрашувачи од 15 до 20% од вкупниот број на овошки. При изборот на сорта опрашувач да се внимава истата да не е триплоидна. Како универзални добри опрашувачи се сортите: Грени смит, Златен делишес, Ајдаред, Црвен делишес и др.

Се препорачува поставување на 3 до 4 пчелни сандаци на површина од еден хектар.

Проредување на плодовите

Досегашна пракса: Оваа агротехничка мерка не се спроведува или во многу редок број на случаи.

Препорачана пракса: Проредувањето на плодовите е задолжителна мерка за спречување на алтернативната родност и да се произведат плодови со поголеми димензии и подобри органолептички карактеристики. Оваа мерка се спроведува после јунското опаѓање на плодовите. Може да се спроведе рачно или со употреба на хемиски средства (6-бензиладенин).

д. Ѓубрење на насадот

 Досегашна пракса: Ѓубрењето не се спроведува врз база на почвените услови и врз потребите на културата.

Препорачана пракса: Од исклучителна важност е да се изврши хемиска анализа на почвата пред подигнување на повеќегодишни насади, со цел да се утврди количината на хранливи материи и доколку се утврди недостаток тој да се надомести пред подигнување на насадот, во прв ред фосфор и калиум на подолг временски период. Покрај тоа се вршат и периодични контроли на состојбата со хранливи материи во почвата на секои 4-5 години.

Врз основа на добиените резултати се дава препорака за количините и времето на апликација на поедини дози на ѓубрива.

 Основно ѓубрење

 Досегашна пракса: Постои добра пракса при подигнувањето на насадот да се додаде доволна количина на арско ѓубриво.  Употребата на ѓубривата е врз основа на нивното искуство и во консултации со аптеките каде што се продава ѓубривото. Се користи есенско ѓубрење од 300-400 kg/ha NPK (15:15:15).

Препорачана пракса: Внесување на органска материја при подигнување на насадот во количини од 40-60 t/ha добро прегорено арско ѓубре е препорачливо. Покрај тоа препорачливо е и да се извршат детални хемиски анализи, со цел да се утврди одреден недостаток на основните хранливи елементи. Доколку се јави недостаток на одреден хранлив елемент се внесуваат оние количини кои се потребни да неговата содржина се доведе до оптимална состојба, т.е. се применува „мелиоративно ѓубрење“. Не се препорачува шематско ѓубрење без претходна анализа на содржината на хранливи материи во почвата.

Ѓубрење на млад насад

 Досегашна пракса: Ѓубрењето е шематско и најчесто со несоодветни типови на ѓубриво. Се разликува од ѓубрењето на насад во род само во количината на додадено ѓубриво. При ѓубрењето на млад насад дозите на ѓубрива се пониски во однос на дозите применети на насадите во род.

Препорачана пракса: Ѓубрењето на млад насад  треба  да овозможи таков режим на исхрана што ќе доведе до нормален развој на младите овошки и нивна поголема отпорност кон мраз и суша. Во овој период на развојот најважен елемент е азотот кој ја подобрува фотосинтезата и вегетативниот пораст кај младите растенија. Обилното ѓубрење со овој елемент е неповолно затоа што ја продолжува вегетацијата, а со тоа и осетливоста кон измрзнување. Најдобро е азотните ѓубрива да се внесуваат во неколку наврати и тоа: ½ пред почеток на вегетацијата, а другата во првата половина на јули. За потребите на формирање на насадот (1та и 2та година), препорачана е само локална апликација во редот.

Фосфорните ѓубрива се внесуваат на поголема длабочина наесен. Исто како и фосфорот и калиумот се внесува од есен на поголема длабочина и поблиску до кореновиот систем.

Препорачани норми на овие хранливи материи за првите 3 години од подигнување на насадот се следните:

 

Достапни форми Старост на овошките
I година II година III година
Азот 60 g/овошка 60 g/овошка 90 g/овошка
Фосфор 40 g/овошка 60 g/овошка 80 g/овошка
Калиум 60 g/овошка 80 g/овошка 100 g/овошка

 

Ѓубрење на роден насад

 Досегашна пракса: Ѓубрењето е најчесто шематско. Количината на додадено ѓубриво е поголема со староста на насадот без анализа на состојбата.

Препорачана пракса: Покрај препораките дадени врз база на почвата и растенијата, производителот е должен да врши постојано надгледување на порастот на растенијата, приносот, квалитетот на производството со цел да се корегира и подобри програмата за ѓубрење.

            Азот:

Општо земено за 1 t плодови и изградба на соодветна вегетативна маса кај јаболката, се потребни 2,2 kg чист азот, што за принос од 40 t/ha одговара количина од 88 kg/ha. Точните дози на ѓубриво треба да се одредат со помош на хемиска анализа на почвата за секој насад поединечно.

Во ниеден случај дозите на азот не смеат да надминат 200 kg/ha чиста материја. Вкупната количина на азот треба да се додава во повеќе наврати. Азотот во минерална форма не треба да се додава за време на фенофазата „розе пупка“.

Фосфор:

Површинското внесување на фосфорните ѓубрива кај овошните насади не се така ефикасни како кај едногодишните растенија. За производство на 40 t/ha јаболка, растенијата имаат потреба од 36 kg фосфор.

Не смеат да се пречекорат следниве количества:

  • почви со ниска содржина: 250 kg/ha
  • почви со нормала содржина: 50 kg/ha
  • почви со висока содржина: 30 kg/ha.

 Калиум:

Односот на содржината на азот и калиум (N:K) не смее да биде поголема од 1:1 -1.5: 1. За производство на 30 t/ha јаболка, растенијата имаат потреба од 165-170 kg калиум.

Не смеат да се пречекорат следниве количества:

  • почви со ниска содржина: 300 kg/ha
  • почви со нормала содржина: 150 kg/ha
  • почви со висока содржина: 75 kg/ha.

 Фолијарно ѓубрење

 Досегашна пракса: Се користи, но без стручна помош и без стручна препорака.

Препорачана пракса: Фолијарната исхрана дава можност за обезбедување на потребните хранлив материи преку листот или плодот, во услови кога е потребен брза интервенција со некој хранлив елемент. Добри резултати со ова ѓубрење се постигнуваат заедно со правилното ѓубрење со азот и со калиум, наводнувањето, резидбата и сл.

За да фолијарното ѓубрење биде ефикасно одредени правила мора да бидат запазени:

Концентрација: за да се зголеми ефикасноста и да се избегне оштетувањето на растенијата, треба да се употребуваат многу разредени раствори.

pH на растворот:  треба да биде во границите на неутрална (5,5 -8,5).

Чистота: мали нерастворливи честички може да ги затнат прскалките.

Хемиска и биолошка контаминација: некои извори на вода може да се контаминирани и не треба да се користат за фолијарна исхрана.

Хлор: хлорираната вода ги отстранува опасните бактерии, но ги убива и некои корисни кои понекогаш се вклучени во некои препарати. Доколку водата за фолијарна исхрана се остави да отстои во тек на една ноќ, доаѓа до исталожување на хлорот и таа вода може да се користи.

При спроведување на ова мерка потребна е консултација со стручни лица.

Наводнување

 Досегашна пракса:  Наводнувањето се изведува површински со бразди, во поново време се користи системот „капка по капка“.

 Препорачана пракса: Површинското наводнување во климатски услови на овој регион треба да се напушти поради големата неефикасност, како и можноста за предизвикување на површинска ерозија.

Се  препорачува системот на капково наводнување. Притоа, треба да се обрати внимание на квалитетот на водата која се користи за наводнување поради можноста од затнување на капалките (води богати со железо или карбонати).

Генерално земено, во овие климатски услови јаболков насад во полна вегетација максимално испарува 5-7 l/m2/ден., што значи дека во најинтензивната вегетација секои 3 дена  се трошат по 20 l/m2/ден вода, односно системот со капацитетот од 2 l/m2/час треба да работи 8-10 часа секој трети ден.

Да се користи професионална експертиза при проектирање и поставување на системот за наводнување.

 Обработка на почвата

Досегашна пракса: Обработката е стандардна и се изведува со едно есенско орање и повеќе култивирања во текот на вегетацијата. Редовото растојание се окопува или се користат хербициди. 

 Препорачана пракса: Се препорачува затревување на меѓуредовото растојание. Употребата на хербициди во редовото растојание да се применува по 3та година од засадувањето на овошките.

Редовото растојание до 3та година да се окопува.

 

1.    Берба

 Период на берба

 Досегашна пракса: Периодот на берба се одредува врз искуството на производителот и обојувањето на плодовите. Не се користат методите на одредување на бербата.

Препорачана пракса: Потребно е моментот на берба да се одреди според стандардните методи (јоден тест, пенетрометри, топлински единици и др.).

 Метод на берба

 Досегашна пракса: Бербата се спроведува рачно во дрвена амбалажа наменета за јаболка. Се внимава да не настане оштетување на плодовите и се врши етапно. Плодовите се чуваат во  складишни простории.

 Препорачана пракса: Користење на посовремена и поатрактивна амбалажа за пакување на производот. Подобрување и оформување на посовремени простории за чување на плодовите. Да се употребува картонска амбалажа, при пакување на производот прифатлива за европските пазари.

 2.    Заштита на растенијата

 Досегашна пракса: Заштитата се спроведува шаблонски врз база на претходните искуства. Чест е случајот да се побараат консултации за оваа мерка од страна на стручната служба во АПРЗ и од лицата вработени во земјоделските аптеки. Производителите релативно добро се запознаени со причинителите на болестите и штетниците на јаболкото.

 Препорачана пракса: Најважни болести на јаболкото во РМ се чадливата краставост (Venturia inequalis) и пепелницата (Podosphaera leucotricha). За одредување на моментот за хемиското третирање на растенијата против чадливата краставост потребно е да се следат температурата на воздухот и времето на влажење на листовите според таблицата на Mills и Laplante.(Анекс 2) За заштита од пепелницата потребно е на почетокот на вегетацијата да се отстрануваат белите ластари, во текот на вегетацијата третирањата треба да се базираат врз методата за прогноза дадена од Butt и Barlow. Најзначајни штетници на јаболкото во РМ се јаболковиот црв (Carpocapsa pomonella), смотавец на покожицата на плодот (Adoxophyes=Capua reticulana), лисните вошки (Aphis sp., Dysaphis sp.) и црвеното пајаче (Panonichus ulmi). Популацијата на јаболковиот црв и смотавецот на покожицата на плодот се следи со помош на феромони, а кај црвеното пајаче и лисните вошки со броење на единки или колонии на лист (Анекс 2). Заштитата на растенијата од болести и штетници треба да биде под надзор на стручно лице. Заштитата на растенијата се препорачува да биде во согласност со стандардите за интегрално производство на јаболка.

Основните принципи на интегралната заштита се:

  • одгледување на сорти, отпорни на болести и штетници;
  • користење на здрав и сертифициран саден материјал;
  • примена на агротехнички мерки за создавање на неповолни услови за појавата на болести и штетници (избалансирано ѓубрење, наводнување „капка по капка“, правилна и навремена резидба и сл.);
  • примена на механички и физички мерки;
  • примена на биолошка борба;
  • примена на супстанции од природно потекло (бакар, сулфур).

Хемиските производи за заштита на растенијата треба да се користат само во случај ако се надминат „економските прагови“ или ако условите на средината се погодни за развој и појава на болестите и штетниците.

Начин на апликација

 Досегашна пракса: Зависно од големината на насадот и расположливата механизација на производителот. Се користат грбни прскалки и атомизери.

Препорачана пракса: Зависно од големината на насадот и расположливата механизација на производителот, да се користат грбни прскалки и атомизери.

 Одредување на моментот на апликација

Досегашна пракса: Во текот на вегетацијата заштитата се спроведува и превентивно и инцидентно по појава на одредена болест или штетник. Превентивната заштита се изведува врз база на претходните искуства. При појавата на одредено заболување производителите се обраќаат до стручните лица (агенција за поддршка и развој на земјоделството, земјоделските аптеки) каде и добиваат информации за спроведување на заштитата.

Препорачана пракса: Производите за заштита на растенијата да се користат само во случај ако се надминат „економските прагови“ или ако условите на средината се погодни за развој и појава на болестите и штетниците.

Критериуми и избор на производи за заштита на растенијата

 Досегашна пракса: Пестицидите најчесто се избираат според претходните искуства, преку меѓусебна размена на информации. Достапноста на производите за заштита на растенијата во земјоделските аптеки се најважен фактор при нивниот избор.

Препорачана пракса: Критериумите за избор на производите за заштита на растенијата се:

  • да не се користат производи кои носат ознаки за канцерогени, тератогени и мутагени ефекти (R40, R43, R63);
  • да не се користат токсични и многу токсични производи;
  • да се избираат производи според стандардите за заштита на културата;
  • можат да се користат сите производи за заштита на растенијата кои се дозволени во органското производство.

3.    Заштита од плевели

 Досегашна пракса: Се користат хербициди во редовото растојаните

Препорачана пракса: Преку окопување, плитка обработка и употреба на хербициди во редовите.

При употребата на хербицидите треба да се има во предвид:

  • дозволени се само локализирани третмани;
  • не е дозволено да се премине максимално пропишаната доза независно од бројот на третирања;
  • третирањата меѓу редовите се забранети;
  • редуцираните дози треба да се мешаат со системичен производ и да се локализираат во редовото растојание.

АНЕКС 1

 

ПРЕПОРАЧАНИ СОРТИ

 

Сорта/Група Период на зреење

(Златен делишес)

Сорта/Група Период на зреење

(Златен делишес)

Група Gala Чадел 0
Gala mondial – 27 Пинова + 5
Royal gala – 25 Муцу – 5
Група Црвен делишес Група Fuji
Црвен делишес – 10 Kiku 8 + 25
Hi early – 5 Naga FU 6 + 22
Red chief – 8 BC 2 + 25
Група Златен делишес Отпорни сорти
Клон Б 0 Prima – 40
Клон Rainders 0 Retina – 40
Група Јонаголд Sampion – 20
Јонаголд – 5 Rewena – 5
Јонаголд rubinstar – 15 Topaz – 5
Јонаред – 15 Florina + 5
Ајдаред + 5 Enterprise + 20
Грени смит + 20 Goldrush + 30

 

 

АНЕКС 2

 

  1. Милс-Лаплантова табела за следење на условите за појава на инфекција од чадлива краставост на јаболкото

 

Температура

Во оС

Траење на влажењето на листот или плодот во часови Период на

инкубација

За аскоспори За конидии
слаба средна Јака
Инфекција
До 5 Над 48 48 73 23
6 26 34 51 17
7 21 27 40 14
8 18 23 34 12
9 15 20 30 10 17
10 14 19 28 9 16
11 12 17 26 8 15
12 11 16 24 7 14
13 10 15 22 7 13
14 10 14 21 6 13
15 9 13 20 6 12
16 9 12 19 6 10
17 9 12 18 6 9
18 9 12 18 6 8
19 9 12 18 6
20 9 12 18 6
21 9 12 18 6
22 9 12 18 6
23 9 12 18 6
24 9 12 19 6
25 11 14 21 6

 

 

  1. Број на уловени пеперутки на феромонски мамци на површина од 1 хектар по кој треба да се пристапи кон третирање на насадот

– Според Charmillot P.J. во моментот кога на една ловна мамка ќе се уловат вкупно 10 пеперутки треба да се изврши третирање со инсектицид бидејќи оваа популација укажува на можност да се надмине прагот на штетност т.е. да има повеќе од 2% црвливи плодови.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close