вестиТоп вести

 Сезоната на загаден воздух во Тетово започна, а властите во зимски сон

 

 

Со крајот на октомври и почетокот на ноември очекувано е дека аеро загадувањето ќе биде најважното прашање во градот под Шара. ПМ десет честичките изминативе недели имаа за неколку пати поголеми вредности од дозволените граници. Експертите советуваат на преземање итни чекори за намалување на загадениот воздух, невладините алармираат, граѓаните протестираат.

Но и покрај ваквите реакции во јавноста, властите со доаѓањето на зимата буквално заспиваат во зимски сон и не преземаат никакви конкретни мерки за намалување на аеро загадувањето.

За сообраќајниот хаос ништо не се презема. Пробивањето на двата  главни булевари во градот, со кои требаше да се растерети сообраќајот не се одвива, иако ваквите градежни активности неколку пати беа најавувани од градските власти, проблемот со недостиг на паркинг места се уште не се решава, а тетовци се уште  се надеваат дека ќе профункционира јавниот градски превоз. Најголемиот проблем според урбанистите се високо катниците, кои ја блокираат нормалната циркулација на воздухот и оваа зима масовно се градат посебно во централното градско подрачје.

Граѓаните повеќе и не очекуваат дека институциите ќе преземат нешто сериозно за намалување на аеро загадувањето. Ни останува, велат, во услови на екстремно загаден воздух, што помалку да излегуваме од дома.

-Па на зима ретко ги отвораме прозорците. Стравуваме од загадениот воздух. Нема друго решение. Ниту општината ниту државата не е заинтересирана за овој проблем. Тие и самите предизвикуваат аеро загадување. Замислете во дворот на претоварната станица на Јавното комунално претпријатие Тетово има дива депонија, комунална хигиена не ја извршува обврската, односно не ги мие улиците и тротоарите. Едноставните и основните обврски не ги исполнуваат, и што да очекуваме дека нешто сериозно ќе преземат за аеро загадувањето, вели еден жител на Тетово.

И од невладината организација Мајка и Дете, сметаат дека општината не си ги завршила своите обврски, односно не си го исчистила својот двор и дом каде произведува загаден воздух.

-Општината нема право сега вината да ја префрла на друго место за загадениот воздух. Градоначалничката на Тетово Теута Арифи порано се правдаше дека воздухот во Тетово е загаден поради работењето на Југохром, сега воздухот пак е загаден не толку екстремно како порано но е загаден, но сега сите надлежности за да се намали оваа појава ги има Општина Тетово, но таа наместо да ги решава проблемите во градот кои го предизвикуваат аеро загадувањето, не го решила проблемот во својот дом. Замислете целата општинска зграда се грее на нафта, и сега што да очекуваме од оваа институција, рече Елмедина Абдулахи од невладината Мајка и дете.

Од здружението Еко герила, велат дека и во оваа зимска сезона на загаден воздух општината ги дава истите препораки против екстремно загадениот воздух, меѓу кои и препораките да не се користат апарати за загревање и готвење кои користат фосилни горива.Сопствениците  на градилиштата да мораат да бидат обврзани да ги чистат своите гуми од глина и прашина пред да го транспортираат својот товар, компаниите и правните лица да вршат превоз и достава на стоки во градските продавници, почнувајќи од 18:00 до 08:00 наутро, освен оние кои обезбедуваат леб и свежо млеко.

Оттаму додаваат дека ваквите препораки многу малку ќе помогнат за намалување на аеро загадувањето. Велат дека се обична шминка и мора властите да преземат радикални чекори, ако сакаме граѓаните да дишат почист воздух.

-Мора да се преземат радикални чекори на пример во сообраќајот да се воведе некој посебен режим во денови на екстремно загаден воздух. Контрола на градењето да има, да не речам да има мораториум на градилишта и високатници. Мора да се размислува што побрзо да се донесе гасификација во Тетово, каде се уште има голем број граѓани кои се греат на дрво. Да се мисли на раззеленувaње на градот. Инаку со вакви препораки и апели, ништo нема да постигнеме, рече Аријанит Џафери од Еко Герила.

Експертите набројуваат повеќе извори на загадување. Како главни според нив се сообраќајот, индустријата и начинот на затоплување.  Од Институтот за животна средина при Универзитетот на Југоисточна Европа, излегоа со став дека во Тетово огревното дрво е еден од најголемиот фактор за големото аерозагадување. Затоа според нив,  преку зима кога се грее за разлика од летниот период, имаме високи концетрации на ПМ 10 честички. Многу светски пресметки покажале дека дрвото дури за два пати повеќе го загадува воздухот од нафтата на пример. Советуваат граѓаните да се преориентираат на други начини на затоплување.

-Најдоброто решение за овој проблем е да се смени типот на гориво и да се премине од дрвна маса во друг начин на затоплување.Гасот е една од алтернативите, но заради технички причини  додека дојде гасот во моментот најефикасно и најисплатливо е користење на топлинска пумпа. Концептот на топлинска пумпа е многу едноставен, сега климатизерите се топлински пумпи, изјави Дарко Спировски од Институтот за животна средина, при Универзитетот на Југоисточна Европа.

Инаку последната студија на Републичкиот центар за јавно здравје и Медицинскиот факултет при УКИМ покажува дека 38 % од смртноста на тетовци се должи на високата концетрација на штетните честички во воздухот. Колку за споредба, просекот на смртност во Европа поради оваа појава е 22 %.

Зоран Димовски

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close