Прв собир и дегустација на пиво од домашни производители

Македонски производители на пиво во домашни услови денеска организираа собир во Битола.

На овој прв мини пиво-фест беа претставени 10 видови пиво. Настанот почна напладне, во 12 часот, а понуди правење пиво во живо, дегустација и дискусија со производителите.

Попладнето, во 18 часот, се реализира проекција на филмот „Пивска култура“.

Посетителите дегустираа пиво од шест производители, тројца од Скопје и тројца од Битола. Бидејќи пивата се произведени во домашни услови и се во мали количини, дегустацијата беше лимитирана и чинеше 50 денари.

Организатор е задругата „Артикултура“ со поддрша на порталот „Сакам пиво мк“ кој ги промовира пивската култура во земјата, домашните производители и фејсбук групата „Домашно пиварство Македонија“.

Целта, велат организаторите, е да се поттикне културата на дегустирање на овој древен пијалок и да се стимулира поинаков пристап, на повисоко ниво.

Сличен настан ќе се организира и во Скопје, до крајот на годинава.

Share Button