fbpx
ВестиТоп вести

Првата агроекономска зона во државата ќе ја гради Општина Могила

Општина Могила

 

 

Зоната е градежно земјиште со цел фармерите да можат да изградат модерни фарми и потоа да аплицираат за ИПАРД фондовите. Градоначалничката на Општина Могила Јасмина Гулевска вели дека зоната е добро подготвен проект на општината.

 

Првата агроекономска зона во државата ќе се гради во Општина Могила во месноста викана Петилеп во атарот на селото Беранци. За зоната е донесен детален урбанистички план и таа ќе се протега на површина од 19 хектари. Проектот е испратен до Министрество за транспорт и врски по што ќе следи одобрување и дозвола за градба од Владата на Република Северна Македонија. Зоната е градежно земјиште со цел фармерите да можат да изградат модерни фарми и потоа да аплицираат за ИПАРД фондовите. Градоначалничката на Општина Могила Јасмина Гулевска вели дека зоната е добро подготвен проект на општината. При подготовките  е разговарано со млекопроизводителите, сопственици на семејни бизниси кои што во иднина треба да прераснат  во посериозни бизниси каде што ќе се промени традиционалниот начин на производство на млеко во современ, европски начин на млекопроизводство.

Гулевска беше домаќин на настанот на кој се најави проектот за зоната, а нејзини гости  беа  вршителот на должност амбасадор на САД, Џ. Р. Литлџон, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, директорот на ЈП Стрежево, Менде Граматковски и  високи претставници на УСАИД.

-Општина Могила е центарот на Пелагонија, центарот на земјоделието и воедно млекопроизводството. Општината ги вложува сите напори да обезбеди развој во овој сектор, но и да ги насочи развојните политики, односно проширување на овој сектор во развивање на нови бизниси. Во соработка со  Министерството за земјоделие и УСАИД, Општина Могила ќе биде првата општина во која ќе се гради првата арго-економ зона во државата.Од зоната најпрво ќе имаат бенефит земјоделците и млекопроизводителите , односно за првпат во Македонија  ќе се градат модерни фарми  по европски терк, а исто така дополнително ќе се олесни и пристапот до европските фондови, изјави на настанот  градоначалничката Гулевска.

Џ. Р. Литлџон, вршител на должност амбасадор на САД во земјата истакна дека Соединетите Американски Држави го поддржуваат развојот на млечната индустрија во Северна Македонија изминатите 25 години, помагајќи им на фармерите да се придвижат од земјоделство за сопствени потреби кон производство на храна за извоз на глобални пазари.

Бимилк се јавува како единствен партнер на УСАИД од млечната индустрија во проектот агроекономска  зона. Соработката е во рамките на проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и всушност се однесува на реконструкција и развој на мали фарми, кои сочинуваат вкупно 92 % од вкупниот број краварски фарми во земјата.

-Почестени сме што организација како што е УСАИД ја препозна Бимилк како релевантен локален партнер за заедничко остварување проекти толку многу значајни за сите заинтересирани страни: фармерите, локалната заедница и млекопроизводството во државата воопшто. Од наша страна презедовме цврста обврска зацртаните заеднички проекти за подобрување на условите за работење и развој на млечните фарми целосно да се комплетираат. Зад нас имаме два успешни проекти, додека, пак, третиот, за кој сме денес овде, ни претстои. Убеден сум дека и овој проект, заедно со УСАИД, успешно ќе го финализираме на општо задоволство, изјави Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Бимилк.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, потенцираше дека Владата  дава поддршката за осовременување на малите и средни фарми.

-Инвестициите во модернизирање на фармите и производството, развивањето на добри кооперантски односи помеѓу млекарниците и фармерите, преку помош за обезбедување на модерна опрема и советодавни услуги, е клучно за развој на млекопроизводството, за поголемо и поконкурентно производство. МЗШВ работи на развој на млекопроизводството преку мерките од Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Во годинешната Програма за рурален развој се зголеми финансиската поддршка за мерката за набавка на приплоден добиток од 14 милиони денари на 91 милиони денари, рече министерот за земјоделство  Димковски.

 

Во агроекономската  зона од исклучително значење е водоснабдувањето за што во проектот се вклучува и хидросистемот на ЈП Стрежево.

-За да имаме успешно земјоделие и успешни стопански фарми и успешна  индустрија потребна е вода. Без вода не би имале ниту зголемено производство, ниту квалитетно производство. Годинава иако е сушна година редовно испорачувавме вода до секоја нива  и секоја сточарска фарма.  Што се однесува до зоната правиме проект водата да стигне и таму , квалитетно онака како што треба во големи количини, рече директорот на ЈП Стрежево, Граматковски.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close