fbpx
Без категорија

Радоста и тагата на Гордана врежани во секоја нишка од стариот разбој

– Звуци од разбој отсекогаш одѕвонувале низ демиркаписко Корешница во минатото. Годините и новото време ги  замолкнале дрвените направи за ткаење традиционални рачно изработени јамболии, прекривачи, дипли. Само во уште еден двор и ден денес на еден стар дрвен разбој, се ткае ли ткае. Ударите во стариот разбој оддалеку се слушаат во Корешница. Ако го следите внимателно звукот, ќе дојдете до имотот на семејството Милошевиќ. Гостопримливата домаќинка Гордана, зрачи со позитивна енергија и нејзе човек вреди да ја запознае. Има 64 години и уште како дете научила да ткае на разбој. Оттогаш, ткаењето е дел од нејзиниот живот со децении. Секогаш сака да исткае нешто плус.

Не го фрлила разбојот на буниште  или изгорела како дрва за огрев како некои други,  бидејќи со новото време, многу жени добија и нови навики, па за нив разбоите станаа минато. Има и такви коишто воопшто не виделе разбој во животот, а прашање е дали и слушнале за оваа мајсторија, без која тешко можела да се замисли една куќа во едно минато време. -Какво фрлање, го чувам. За жал, на дел од дрвото од којшто е еснафски изработен, веќе се чувствува забот на времето. Многу е стар овој разбој. Не ни знам колку точно години има. Тој што беше од свекрвата, се скрши со годините. Едно време ткаев на разбојот од снаа ми за братот. Овој разбој по потекло е од демиркапиското село Дрен. Бил разменет за буре за ракија и така дошол во Корешница, па од куќа во куќа, помина низ рацете на многу мои сожителки. Тој е сопственост на скопјани чии блиски  во Корешница починаа, па кога газдите ги прашавме  дали може да го купиме, рекоа  дека може слободно бесплатно да го земам  и да ткаам штом имам желба и мерак, но да го чувам под суво,  вели ткајачката.

Соговорничка за МИА  вели дека во селото Корешница, во кое отсекогаш сложно живеат Македонци, Срби, Турци, порано разбој имало во секоја куќа. А припадничките на понежниот пол постојано си помагале во работата, особено при мерењето на конецот основа за ткаењето, кога се набиваат колчиња во дворот и се мери метар по метар. -Останавме уште снаа ми за брат и јас, ние две така што се уште се разбираме од разбој и уште една друга жена така знае некои работи околу ткаењето. Некни околу конецот помагаа и сопругот, золвата и една сосетка. За сите други, тоа е непозната работа. Во селото веќе никој не ткае, на прсти се бројат разбоите во неколкуте општини од тиквешкиот регион, вели таа, со носталгија во гласот. Носталгија за едно време кога ткаењето значело вредни раце, а рачно ткаените работи биле вреден мираз. Гордана објаснува дека за да се ткае, неопходен е разбој со сите марифети. Мора да се има конец основа. Тој порано се добивал со чистење, влачење, предење со вретено на памук или волна. Од памук за дипли, од волна за јамболии. Сега бидејќи ретко кој има памук или волна, се користи конец за нижење на тутун. Покрај него, неопходни се и ленти ткаенина. Во минатото најчесто тие се обезбедуваа со сечење на износени алишта во различни бои. Сега пак, се користат остатоци од конфекции, викани паспул.

-Со разбој другарувам со децении, уште од времето кога бев многу мала, уште од дете. Уште како дете ткаев ќилими и черги. Се омажив  на петнаесет години. Подоцна ткаевме заедно со свекрвата. Отсекогаш многу сум сакала да ткајам, тоа ми било голема желба и задоволство. Не е лесно и едноставно да се постави разбој и да се ткае. Еден конец да згрешиш, ништо од ткаењето. А ги има 159 и има правило како да бидат поставени, за да се постигне целта. На секој  од нив треба да му го најдеш вистинското место. Ако згрешиш, утка, што се вели, не се поправа, објаснуваше оваа марифетна жена. Да има доволно  паспул, нагласи, секогаш ќе ткае, се дури може.

-Не сакам да ткаам од сечени партали, како што правеа некои во минатото, иако, мора да се признае, вистинските мајстори и од сечени ленти стара облека, знаеја да направат парталави стази како своевидни уметнички дела, коментира Гордана. Имало и такви кои не можеле да ја разберат таа љубов кон разбојот и ткаењето.

-Не прават будали со снаа ми за брат Добрица, кога им кажуваме дека се уште не влече разбојот. Кој век е сеа, кој тура дипли, иаме тепеци, така ни забележуваат некои. Им велам, сите имаме, но јас сакам рачно ткаено, патници, прекривки за креветите, на моите најблиски им имам исткано за спомен на мене. Не сум да немам, фала му на Бога имам се, тоа што го имам ми е доволно за среќа, ама пусти мерак за ткаење никако не поминува. Желба, ете, не сум да немам пари да си купам. Други пак, ме задеваат,  мојата снаа сите дипли ги измаа, ти допрва ткаиш. Уште си од старо време, уште ќе ткаеш. Јас викам имам желба тоа да го работам,   а и моите блиски па не фрлаат рачна работа. А некои па плачат за вакво а немаат, така им одговарам. За жал, одделни луѓе навистина не ја знаат вредноста на рачните изработки, децидна беше жената која плете и со вуница, но и разни други плетеници како украси во домот. Таа додаде дека секоја една изработка од вредните раце на некоја жена, го има нејзиниот печат, во неа се исплетени или исткаени и нејзините емоции.

-Многу љубов и многу мерак се вградени во секоја плетка и во секоја нишка од разбојот. На овие години некои навистина можеби мислат дека сум будала што го правам ова, но јас се уште чувствувам и сакам да го слушам звукот на разбојот. Разбојот ја лекува тагата, ја зголемува радоста. Колку ли само радосни и тажни моменти сум споделила со него. Кога ќе седнам на разбојот, се трудам да заборавам на неубавите работи што се случиле во животот. Штом слушнам дека тој и тој починал од корона за момент се стресувам оти четири операции имам поминато, но се трудам разбојот да биде мојата превентива против заразата. Вчера ткаев, вака грбот ме наболуваше, ама кога си легнав, како убаво се наспав, со оптимизам говореше таа додека стрпливо и внимателно ги редеше нишките од стазата. Зборувавше за сновењето на конецот па мотањето на кросното. Се случувало и по цел ден да ткае. Не чувствувала ни замор, ни болка. -Деновиве бев на доктор превентивно да проверам да не имам остеопороза, поради годините нели, па таа докторката што ме знае дека ткаам, вика ти најубавите вежби со разбојот ги правиш. Додека можеш, да не престанеш. И стварно се чувствувам додека спијам убаво, оти додека ткаам ги движам и рацете и нозете. Најдобрите вежби ги правам со разбојот. Целото тело го движам, радосна сум и насмеана, сподели таа за МИА. Сепак призна дека се случувало да згреши.

-Побрза сум и ако згрешев, ќе познаеа одма домашните оти бев смрштена, вели таа, за која, тие што ја познаваат, велат дека е марифетна и во кујната, за зимница, правење сапун од домашна свинска маст и за што ли уште не.
https://opserver.mk/makedonija/opstini/radosta-i-tagata-na-gordana-vrezhani-vo-sekoja-nishka-od-stariot-razboj/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close