
Раст на извозот на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ
Од јануари до јули 2025 година вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ достигнал 139,4 милијарди евра, со што е за два отсто зголемен во споредба со истиот период лани, првенствено поради растот на цените.
Извозот на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ во јули годинава достигна 20,7 милијарди евра, што претставува зголемување од осум отсто во однос на претходниот месец и достигна речиси исто ниво како и во јули 2024 година, покажува најновиот извештај на Европската комисија за трговијата со земјоделско-прехранбени производи.
Од јануари до јули 2025 година вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ достигнал 139,4 милијарди евра, со што е за два отсто зголемен во споредба со истиот период лани, првенствено поради растот на цените.
Од друга страна, увозот на земјоделско-прехранбени производи во ЕУ во јули 2025 достигнал 16,1 милијарди евра, што претставува раст за пет отсто на месечно и за 10 проценти на годишно ниво. Во периодот од јануари до јули годинава вкупниот увоз на овие производи во ЕУ достигнал 113 милијарди евра, што е зголемување за 15 отсто во споредба со 2024 година, главно поради значителниот раст на цените на некои увозни стоки, како што се какаото и кафето.
Со ова ЕУ во јули 2025 година остварила суфицит во трговската размена на земјоделско-прехранбени производи од 4,6 милијарди евра и е за 19 проценти повисок во однос на јуни, но и нешто понизок споредено со јули 2024.
Вкупниот суфицит во трговската размена на ЕУ за првите седум месеци од годинава достигна 26,5 милијарди евра, што е за 12,2 милијарди евра помалку во споредба со истиот период во 2024
Главен извозен партнер за земјоделско-прехранбени производи на ЕУ и натаму е Велика Британија, на која во првите седум месеци од 2025 отпаѓа 23 отсто од вкупниот европски извоз. Пласманот на овие стоки на британскиот пазар во посочениот период се зголемил за пет отсто, главно поради растот на цените на чоколадото и млечните производи.
Гледано по култури, најголем раст на вредноста на извозот од ЕУ од 34 отсто се бележи во групата кафе, чај, какао и зачини, по што следи растот кај кондиторските производи и чоколадото за 19 проценти, пред се благодарение на поскапувањето на чоколадите за 29 отсто. Исто така како резултат на повисоките цени, раст на вредноста на извозот од шест проценти има и кај млечните производи, иако количеството на извезени стоки било помало за два проценти.
Од друга страна, вредноста на извозот на житни култури се намалил за 20 отсто, главно како последица на намалените количества на извезени пченица и пченка за 23 проценти. Кај маслинките и маслиновото масло, пак, иако обемот на извозот се зголемил за 19 отсто, неговата вредноста е намалена за 15 проценти поради падот на цените на овие производи за 29 проценти.
Кога станува збор за вредноста на увозот, најголем раст ЕУ бележи со Канада за 93 отсто, поради зголемениот увоз на репка, пченка и пченица и со Брегот на Слоновата Коска за 59 проценти, како резултат на повисоките цени на какаото и кафето. Најголем пад на увозот од 70 отсто ЕУ има со Русија.
Растот на вредноста на увозот во ЕУ во периодот јануари-јули 2025 година во најголем дел се должи на растот на цените на одредени производи на годишно ниво. Така, цените на какаото речиси се удвоија, на кафето се зголемија за 58 отсто, на кондиторските производи и чоколадото пораснаа за 33 проценти, на живината и јајцата за 28, а на овошјето и јаткастите плодови за 11 отсто.
МИА
 
					 
					 
					 
					 
					



