Разгледани барањата за штети на преспанските земјоделци
Општинските комисии за проценка на штетата направена од пролетните ниски температури врз овошките во Преспанскиот регион ги разгледале сите 2.650 барања од оштетените земјоделци.
Раководителот на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Ресен Сашко Андреевски информира дека сите барања биле обработени и за секое е направен поединечен записник.
– Во комисиите се доставени 2.650 барања од оштетени земјоделци, кои ги разгледавме поединечно, направени се записници и се внесуваат електронски за да бидат доставени до Министерството за земјоделство, односно до Бирото за судски вештачења, изјави Андреевски.
Според проценката на деветте општински Комисии, штетата врз земјоделските насади се движи од 80 до 100 проценти.
Градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски изрази задоволство за брзата исплата на субвенциите на преспанските овоштари и очекува наскоро да почне и исплата на штетите од ланскиот мраз што ги зафати овошните насади.
– Исплатата на субвенциите почна и се надевам дека ќе заврши до крајот на неделава, но истовремено очекувам дека и исплатата на штетите за минатогодишното измрзнување на овошните насади ќе се реализира за многу кус временски период. Ваквите политики кон земјоделските произведители на локално и државно ниво, уште еднаш ја потврдуваат нашата грижа за земјоделството што евидентно не било пракса порано, нагласи Стрезовски
Пред околу еден месец ниските температури што ја зафатија државата предизвикаа штети на земјоделските култури во Преспанскиот регион, а најпогодени беа овошките.