fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Ристо Насков со 101 година е најстариот активен градинар во Штип

Во дворот, Ристо подигнал два пластеника, а на еден декар има отворена градина за производство на домати, пипер и краставици.

Браќата Ристо и Симеон Наскови важат за најстари жители на Штип и регионот. Симеон навлегува во 104 година, а Ристо има три помалку. Тоа е највозрасниот братски тандем, можеби и во цела Македонија. За жал, постариот брат од лани залегнал во кревет, но неговиот брат Ристо иако има 101 година е мошне подвижен и по цел ден е во широкиот двор околу неговата куќа во приградската населба Стар Караорман кај Штип.

Во дворот подигнал два пластеника, а на еден декар има отворена градина за производство на домати, пипер и краставици. На другата страна од дворот, мини фарма во која чува јариња, кокошки и друга ситна живина. Има и мал базен со риби, а од базенот црпи вода за наводнување на градината. Го полни со вода од сопствениот бунар што го ископале пред повеќе години.

„До пред неколку години работевме заедно со брат ми, но откако тој залегна, сега работам сам. За потешките работи ми помагаат синовите и снаите, а и двете ќерки кога од Швајцарија ќе дојдат на годишен одмор. По цел ден сум во дворот. Нешто чепкам. Тука е и мотиката, па колку можам покопувам“, вели Насков.

Ни раскажа дека бил учесник во Втората светска војна и во борбите бил ранет во ногата, но преживеал. Насков има добро паметење и со голема остроумност до детали раскажува за својот работен век.

Тој го открива и едноставниот рецепт за неговата долговечност. Од ништо не се скусувал и не е прибирлив. Јаде сè, но сега помалку. Задолжително пред секое јадење по една мала чашка домашна ракија што семејството само си ја прави. Сепак, во овие години најмногу го одржувало шетањето низ дворот и пластениците, посебно во пролетниот период. Порано уживал во честите прошетки до Штип, но сега му здодеале.

Извор https://sdk.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close