fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Рубин Мирчески – Понижувачки е тутунари да добијат само 1.000 денари од ковид мерката

Започнаа маките на тутунарите-Тутунопроизводство е тешка работа и таа е во трка со времето

Рубин Мирчески е тутунопроизводител од Прилеп кои вели дека почнува маката на тутунарите за новата реколта, каде во тек е расадувањето на тутунот.

-Денес почнуваме со расадувањето на тутунот. Засадувам секоја година по 4 до 5 декари тутун и произведувам по 1.000 килограми што е количина за секое просечно прилепско семејство, на кое тутунопроизводството му е дополнителна дејност. Вработени сме и јас и сопругата, но нашите примања не се доволни да го поминеме месецот, да ги покриеме основните потреби и школувањето на децата, затоа мора дополнително да бараме приход во годината за да опстанеме, раскажува Мирчески.

Тутнопроизводство е тешка работа и таа е во трка со времето, вели нашиот соговорник.

-Стануваме во 2 часот наутро за да береме и да се вратиме за на работа. Се враќаме во 15 часот  попладнето и со кришка леб во рака на трчање, пак заминуваме на нива на  попладневно берење.Тоа трае преку цело лето до доцна есен, до паѓањето на сланата, вели Рубин.

-Првата берба не ја збирам, има слаб квалитет и има ниска откупна цена и не ми се исплаќа да го губам времето за 70 денари по килограм, бидејќи првата берба народски ‘дибот’ или стручно подбирот се купува во најдобар случај во 3 класа, а ланската година се купи во 4 класа. Затоа произведувам квалитетен тутун традиционално прилепски, бидејќи не случајно Прилеп во светски рамки е познат по квалитетено производство, вели нашиот соговорник со критика дека е разочаран од најавите како ќе се исплаќа петтиот пакет мерки за тутунарите.

-Одлуката на Владата да ги поддржи тутунарите со ковид мерка иако симболично, ја поддржав, но сега сум разочаран од начинот на кој се планира да се исплати. Произведов 800 килограми тутун, 300 кг во прва класа и 500 кг во втора класа. Што е проценка скоро на секое прилепско семејство кое тутунот го работи квалитетно и го суши на рамки и прави квалитетна домашна манипулација. Според одлуката на Владата за исплата на ковид со 2 денари за 2 класа и по 12 денари за трета и четврта класа, јас ќе добијам 1.000 денари ковид пакет. Од планирани 8.000 илјади, по 10 денари за секој килограм, сега во најмала рака смешна е ваквата поддршка од 1.000 денари. Вусшност вистината е дека е понижување. Не сум против државата да ги обештети тутунарите кои добија ниска откупна цена, напротив не со 12 туку, со 1 евро е мој предлог, но на ваков начин и обид преку ковид мерката да се манипулира со тутунарите не е во ред, вели Рубин.

Според него незадоволството од распределбата на парите од ковид мерката ќе се одрази на локалните избори во Прилеп, бидејќи кој и да биде кандидатот за градоначалник нема да има образ да ја бара довербата од тутунарите.

Што да садат тутунарите ако продолжи ваквата ниска откупна цена?

-Највероватно сусам според стратегијата на владата за смена на тутунот со сусам, само не знам како ќе го нижеме него ситно е семето, ќе треба од МЗШВ да направат обуки за нижење сусам, вели во иронија нашиот тутунар додавајќи дека погрешна е стратегијата за намалување на тутунопроизводството и не е точно дека е намалена потребата од тутун.

-Тутунот не се користи само за цигари има и други намени во фармацевтската индустрија. А дека е тоа така се гледа и во моментов, имено помалите откупни фирми веќе имаат побарување за поголеми количини од нивните партнери и истите се во потрага на дополнителни количини од поголемите откупувачи кои го купија вишокот на тутун по багателни цени, но како што гледаме не го продаваат така лесно и евтино, вели Рубин накрај на сите тутунари им посакува бериќетна и поуспешна реколта.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close