Увозот на пченица ги става во опасност домашните производители

(Oвој напис е објавен на: February 8, 2018)

zito

Владата на Србија усвои регулатива за класификација на пченица, којa предвидува дека само житото и житните култури со висок квалитет може да се користат за исхрана на луѓето.
Причината за донесување на овој документ е во фактот дека српскиот пазар не правел класификација што може од родот да се искористи за производство на брашно. Ваквата појава довела до своевиден парадокс дека во една земја, која некогаш била признаена како произведувач на добра пченица, сега јаделе леб со лош квалитет. Тоа достигна такви размери што експертите предупредуваат дека поради високата потрошувачка на овој вид храна, од 90 килограми годишно по жител годишно, може значително да се загрози здравјето на нацијата.
– Во Србија, земја во која традиционално има добра пченица, да се каже дека лебот не е квалитетен би било доста чудно. Но ова е реалноста денес, според многу истражувања од експерти, како и жалби на потрошувачите што не се задоволни со квалитетот. Причината за таквите лоши процени лежи во фактот што државата досега не ја распоредувала пченицата во квалитетни групи. Со други зборови, произведувачите на пченица не вложуваат напор за добро производство бидејќи цената за откуп не е голема без разлика за кој квалитет на пченица се работи – велат соговорници на српскиот „Блиц“

Земјоделците се свртеле кон сорти со пониски инвестиции, а кои даваат повисоки приноси.
– Таквите житни култури немаат висока енергетска вредност, лебот и тестото се со послаб квалитет, па пекарниците од околината во голема мера го заобиколат нашето брашно. Еден пример е Словенија, каде што слушнавме дека е тешко да се направи квалитетен леб од нашето брашно. И нашата анализа покажува дека пекарниците користат нискоквалитетно брашно, кое е покриено со разни супстанции, што се одразува на здравјето на населението. Затоа Владата одлучи да ги дефинира правилата на игра – вели истиот извор.
Од Националната организација на потрошувачите во Србија велат дека во обид да се зголеми профитот, пекарниците ги мамат граѓаните на многу начини.
– Јавна тајна е дека повеќе од 50 проценти од пекарската индустрија работат во сивата зона, а не постои редовна контрола на брашното или на финалниот производ. Затоа имаме огромен број жалби од потрошувачите. Граѓаните трошат околу 650.000 тони леб годишно, во сиромашните земји, потрошувачката е поголема, па затоа треба да се посвети поголемо внимание на квалитетот на лебот. Затоа е неопходно државата да воведе класификација на она што е пченица за човекот и што за животни или други потреби – истакнуваат од Националната организација на потрошувачите.
Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружението „Агрофаланга“, вели дека кога во соседна Србија, која е земја-извозник на житни култури, се појавуваат значителни отстапувања во потребниот квалитет на брашното и крајниот производ – лебот, тогаш можеме да замислиме каква е ситуацијата во Македонија, која е често увозник на брашно и пченица од Србија.
– Најголема причина за неквалитетниот краен производ, лебот, не е постоењето пченица со различен квалитет, туку алчноста на трговците и на производителите, кои во трката за поголем профит подготвени се производот да го изработат од ѓубре. Некогаш лебот се изработуваше од брашно, сол и квасец, сега во него има конзерванси, палмина маст, соино брашно, подобрувачи на вкус и слично. Истото е и во кондиторската индустрија. Основните состојки млеко, јајца и растително масло ги нема. Јадеме вештачки јајца во прав, вештачко млеко во прав и палмина маст, која не се искористува во нашиот организам – објаснува Станковски.

Според него, шансите да консумираме здрави производи без сурогат-состојки, без хормони, конзерванси и подобрувачи на вкус се еднакви на нула.
– Најлошо од сѐ е што брашното што е клучно во исхраната на нашите граѓани, преку лебот, го консумираат и нашите деца, кои внесувајќи цело време штетни состојки во нивните млади организми, можат да заболат од разни болести – смета Станковски.
Како што нагласува тој, во Македонија се произведува малку пченица, по хектар површина, но со висок квалитет.
– Како во Србија што не се цени квалитетот, исто е и кај нас. Повторно тука е виновен монополот на мелничарите што ги создава тие услови. Со увозот на странска неквалитетна пченица и брашно, тие ги уценуваат нашите житари и им ја рушат цената на пченицата. Најоштетени од сите, сепак, во овие валкани игри се крајните корисници т.е. граѓаните на Македонија – истакна Станковски.
Според неговото мислење, помош од надлежните во вид на контрола на квалитетот, не може да се очекува. Тој вели дека големите компании имаат јаки лоби-групи што ги штитат од протекување информации за користење неквалитетни суровини и дека едноставно граѓаните сами мораат да пронаоѓаат храна што е здрава и корисна за нив.
Никола Аџиев, генерален директор на Друштвото за земјоделско производство и трговија „Црвени брегови“ од Неготино неодамна нагласи дека површините под пченица во Македонија секоја година се намалуваат и ќе се намалуваат како резултат на ниската цена што оди во надолна линија во последните години.
– Мое мислење е дека подобро државата да нѐ субвенционира со современи трактори и приклучна механизација, со тоа подобро и поквалитетно би ги извршувале агротехниките мерки и би постигнувале поголеми приноси со подобар квалитет, а цената на чинење за килограм пченица значително би ја намалиле и со тоа би биле поконкурентни на пазарот – нагласува Аџиев.
Проблемот со откупот на пченицата веќе со години се провлекува, и производителите неколкупати алармираат на лошата состојба, велејќи дека производството на пченица не е рентабилно со овие откупни цени. Аџиев потврдува дека состојбата е многу лоша и дека секоја година производителите работат со загуба.


 

новамакедонија