fbpx
ВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Руралната жена во време на пандемија со корона вирус

Корона кризата можеби ги забави сите активности во целокупното општествено живеење, но не ги прекина. Земјоделието е дејност во која за да се произведе храна мора да се почитуваат сите рокови. Во пресрет на пролетната сеидба земјоделците ги прават последните подготовки  за таа да биде успешна. Сето тоа да се организир,а од подготовка на почва , набавка на семенски материјал, соодветна механизација па до извршување на самата  сеидба, воопшто не е едноставно  во услови на вонредна состојба , но не и невозможно.

Деновиве ја запознавме Џунет Закировска  од с. Лажец битолско. Жена фармер, на која работата во земјоделието не ѝ е нешто непознато и најтешко во животот. Ја сретнавме во продавницата на Синпекс Битола каде ги средуваше формалните работи околу купувањето на нова машина. Корона кризата не ја предомисли да остани дома и да чека посигурни времиња, туку почитувајќи ги препораките за безбедност на Министерството за здравство, направи во нејзиното стопанство да има уште една нова машина, поточно трактор Тафе од серијата 6530. Нов помоќен трактор  што ќе му ја олесни работата околу обработката земјата.

-Се разбира дека не ни е сеедно за целата ситуација, но земјоделието не може да чека, а само што не сме почнале со сеидба. Имавме потреба од нов и помоќен трактор  за да можеме да си ја олесниме работата. Целата механизација што ја поседуваме ја имаме набавено од Синпекс. Задоволни сме од она што оваа фирма го нуди , па воопшто не се двоумевме дали да дојдеме овде. Знаеме дека продавницата работи во вонредни услови, но тоа не беше пречка вработените да ни помогнат да го направиме вистинскиот избор, вели за Зелена берза 35 годишната Џунет Закировска.

Таа не вози трактор, но активно е вклучена во организирањето на сите активности. Таа со стоката и по дома, а сопругот по нивите. Секојдневно треба да се нахранат и измолзат 250 глави овци, а секако и да се организира работата на околу 50 ха земја. За оние што не фатиле мотика ова е невозможна мисија, а за Џунет и нејзиното семејство нешто нормално.

– Како стигнуваме? Е стигнуваме. Немаме други вработено сами со мажот ми и децата успеваме да сработиме сè. Нема делење на машка и женска работа, едноставно работа што  мора да се зварши. Имаме два сина на 13 и 15 години кои  многу ни помагаат. Кога ќе си дојдат од училиште работат сè што е потребно. Одгледуваме пченка, грав, компири, тутун, а тука е и стадото од 250 грла овци, објаснува Џунет. Порано сè рачно се работеше, сега е полесно. Не ми е мака за ништо, ни со стоката, ни по дома ни на нива, Можам да стигнам сè. На утро станувам во 5-6 часот, ќе се напијам едно кафе и директно кај овците одам, додава таа.

Користејќи ги своите вродени организаторски вештини Џунет успева сите да ги организира и да успеат да стигнат со сè. Овците успева да ги измолзи за час и половина, за да премини на домашните работи, чистење, готвење и др. Се обидува да им угоди на сите членови во семејството, а месењето зелник ѝ е секојдневна рутина. Со нејзините вештини се сложува и нејзиниот сопруг.

– Жената е многу важна, не само во бизнисот туку за секаде. Ако нема дома жена џабе е сè, вели нејзиниот сопруг Улсан.

Тој додава дека сега со новиот трактор се подготвени за пролетната сеидба. После Тафето вели дека следна инвестиција ќе им биде набавка на машина за молзење за да си ја олеснат работата.

Во продавницата на Синпекс ова не е единственото семејство што сака да си ја поднови својата механизација. Вработените велат дека и покрај вонредните услови за работа  се посетени и има голем интерес за земјоделската и приклучна механизација. Земјоделците стануваат свесни дека треба да го модернизираат своето стопанство и дека секоја инвестиција се исплаќа.

Павлина Јовановска

Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close