вестиТоп вести

Само  професионално работење може да даде добри резултати

 

„Земјоделството  е специфична дејност во која доколку не се однесувате професионално нема да постигнете резултати. Впрочем како и во секоја друга област, мора да се има професионализам доколку сакате да бидете присутни подолго време“,вели за Зелена берза Антонио Ангеловиќ од с. Дурфулија општина Лозово.

 

Антонио е млад земјоделец кој својата и иднината на своето семејство  ја гради во својата родна грутка. Она што го започнал неговиот татко  во далечните деведесетти години тој решил да го продолжи. Јачмен, пченица, луцерка, лозје и се она што може да успее во тој реон, е застапено на вкупно 500 ха земјоделска површина. Оваа година ја оценува како многу тешка.

„Овчеполието е сушен регион и не може се’  да се одгледува. На 500 ха земја обработуваме, јачмен, пченица, сончоглед, од кои на 15 ха лозје и 20 ха луцерка. За жал не можеме да се пофалиме  со големи приноси. Вообичаено од еден ха може да се добијат 4 тони пченица, но оваа година во просек имаме 2,5 т пченица по ха површина, просек кој сигурно ќе беше многу поголем доколку временските прилики беа подобри. Времето не „отепа“. вели Антонио.

Во земјоделието има многу ризици, но временските (не)прилики имаат најголем ризик. Последните 4-5 години се особено тешки и тоа најмногу заради времето. Претходните 2 години градот е тој што им нанесе на земјоделците многу штета,  една година била сушна, така што никако не можат глава да кренат објаснува Антонио. На толку голема површина што ја обработува има и многу трошоци. Како што вели, се обидува да ги спроведува сите оние добри земјоделски практики што им ги советуваат агрономите, но е многу тешко.

Во периодот што следи загрижен е за жетвата на сончогледот.

„Во периодот  кога сончогледот требаше да цути , имаше дождови, така што не знам како ќе поминеме, не очекувам големи приноси, ама ајде да почекаме па ќе видиме. За тоа време додека стигне жетвата на сончогледот се обидувам да го суредам житото. Оваа година цената е подобра и за јачменот и за пченицата, но за жал приносите се слаби. Оваа година одлучив житото  да го предадам во Синпекс, од каде лани имав купено трактор Џон Дир, вели Антонио. Во иднина планирам да продолжам со јачмен и пченица, сончогледот не е рентабилен и сигурно ќе биде застапен на помала површина“,додава Антонио.

Свесен е за тешкотиите и проблемите со кои се соочува секој земјоделец, но вели дека не се откажува и дека треба да се однесува професионално. Кога сме кај професионалноста  Антонио досега не го осигурувал своето производство. Имајќи предвид дека претрпел големи штети во минатото, а за тоа не добил никаков надомест, одлучил во иднина да го осигура своето производство. Во целата производство  вклучено е целото негово семејство и решени се да продолжат понатаму да работат. Субвенциите се добредојдени, но мора да се продолжи попрофесионално.

„Земјоделството  е специфична дејност во која доколку не се однесувате професионално нема да постигнете резултати. Впрочем како и во секоја друга област, мора да се има професионализам доколку сакате да бидете присутни подолго време“,вели Антони Ангеловиќ од с.Дурфулија општина Лозово.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close