Шарпланинската месност Петачко Водиче атрактивна за државата, ама не и за институциите

(Oвој напис е објавен на: February 26, 2019)

     

 

Месноста Петачко Водиче оддалечено на само неколку километри од тетовското село Беловиште, почнува да станува атрактивна туристичка атракција. Оваа месност е распослана на Шар Планина во густа шума каде поминува Беловишка река каде се лоцирани и неколку водопади. Ладовината, големите сенки, зеленилото, жуборот на реките и водопадите се атрактивни за посетителите за летниот период, но и на зима туристите не остануваат рамнодушни на оваа природна убавина, кои во последно време се почесто ја посетуваат.

Поради големите природни потенцијали, претежно жителите од Беловиште на овој предел имаат отворено неколку ресторани со големи дворни места и базени. Велат дека во овој период од годината, неколкуте ресторани имаат и повеќе од доволно капацитет да ги опслужат гостите, но со доаѓањето на пролетта и летото бројката на посетители е доста голема. За неколку месеци ова место го посетуваат над 10 000 туристи, капацитет поради кој се јавуваат одредени проблеми.

Сопствениците на рестораните велат дека во Петачко Водиче мора да се поработи на инфраструктурата, затоа што постојната не може да задоволи толку голем број гости, и затоа се јавуваат проблеми со недостиг на паркинг простор, па автомобилите се паркираат покрај патот, каде потоа не може слободно да поминуваат возилата. Освен во делот на инфраструктурата, надлежните треба да поработаат и во делот на одржувањето на хигиената.

-Местото се развива, ама очигледно властите не го гледаат тоа, и тука ништо не се инвестира. Ем е патот тесен, ем пред сезона никој не го чисти од треви и гранки, па мораме ние самите. Има еден паркинг горе, ама тој не е доволен. Проблем е тоа што немаме струја, нема трансформатор изградено, и од ЕВН ни бараат по 15 000 евра за да се изгради трансформаторот и да не приклучат на струја. Засега се снаоѓаме со агрегати. Исто и кога врне доаѓаат води по патот кој буквално плива. Тука мора општината да направи урбанистички план за туристичко место, за да се среди инфраструктурата и комуналиите, се со цел да се подобри туризмот во овој предел, а со тоа истиот ќе се развие, добро ќе биде за нас, за гостите , за општината и за државата, вели Душко Матоски сопственик на угостителски објект во месноста Петачко Водиче.

Посетителите велат дека Петачко Водиче е рај на земјата, привлечно како за летниот така и за зимскиот период.

-Ова место го препознаа луѓето, доаѓаат за време на летниот и пролетниот период. Но и сега е атрактивно кога има снег. Има прекрасна белина и прекрасен поглед, просто да уживаш. Но мора да се преземе нешто со инфраструктурата. Како што се развива ова место, треба да се развива и инфраструктурата. Да нема хаос тука, луѓето кога доаѓаат треба да го најдат мирот, а не да добиваат стрес, поради немање паркинг, тесни улици и слично, рече еден посетител на Петачко Водиче.

 

Засега само црковниот одбор и угостителите го одржуваат Петачко Водиче.  

Над рестораните во близина на самата Беловишка река поточно кај црквичката Света Петка, црковниот одобор од село Беловиште си има направено место за починка. Тука на туристите им е на располагање летниковци, затворен простор за правење скара, вода и сите други потребни работи за одмор и рекреација. Во близина се планинарските патеки и водопади.

-Тука луѓето седат под летниковците, кои повеќе се направени за да се заштитиме од дожд отколку за сенка, затоа што тука има природна сенка, и во попладневните часови на лето кога кога е многу топло со кратки ракави не може да се седи. Тука не посетуваат од повеќе градови од Македонија. Местото е преубаво, има две цркви, божји мир, кој сака храна може да подготви, да олади пиење во реката која поминува тука, на дваесетина метри се водопадите, може и кој сака да се избања. Но сето ова ние го одржуваме дури и за сметот се грижиме, имаме контејнери поставени од каде го собираме сметот го носиме и така, инаку ќе настане голема депонија дека има многу туристи. Во последно време забележувам дека и сега во зимскиот период има посетители кои уживаат на белината и чистиот воздух, велат од црковниот одбор.

 

Од Јегуновце општина под кое припаѓа село Беловиште и месноста Петачко Водиче, велат дека моментлано не се презема ништо за овој дел од општината, затоа што за него нема урбанистички план.

-Се размислува да се направи генерален урбанистички план за туристичко место Петачко Водиче. Но, морам да истакна дека таа постапка многу тешко оди. На пример за патот да го вметнеме во планот е многу комплицирано, затоа што целиот пат поминува низ приватен имот. Ако сакаме да го прошириме коловозот пак е проблем, дека треба да го прошируваме на приватни имоти. Тешко е во ваква средина да се средат работите, проблем е и со трансформаторот за струја и слично. Но во контакт сме со жителите, и се надевам дека најнеопходното, а тоа е донесување на урбанистички план ќе се реализира, тоа беше и дел од мојата изборна програма, рече градоначалникот на Општина Јегуновце Дарко Блажевски.

 

Инаку месноста Петачко Водиче го има добиено името по малата црквичка Света Петка, за која постои веруавње дека изворот со вода во самиот храм е и лековит. Од месноста Петачко Водиче води  планинарска патека до големи Беловишки водопади, кои се меѓу најголемите на балканот.

Зоран Димовски