fbpx
Агро бизнисВестиМлад земјоделецТоп вести

Сашко Андов-Семејните винарии имаат иднина, предност е сопственото производство на грозје

„Винарија Ерос“ постои од 2005 година, со капацитет од 12.000 литри. Младиот Сашко вели дека винарството е инспирација и можност да се експериментира со виното и вкусовите.

Сашко Андов е 33 годишен кавадарчанец, производител на вино, дипломиран земјоделски инженер. Тој е сопственик на „Винарија Ерос“ и вели дека неговото прво произведено вино му ги сменило животните планови, па пијалакот на боговите станува неговата шанса за успех, нова можност, нова креација… Сега овој млад човек е искусен винар кој секојдневно го гради својот свет на виното „Ерос“.

dav

-Како помлад ме привлекуваа машинството, конструкции во машинството. Немав баш некој интерес во земјоделството, напротив, дури и одбивна ми беше работата во лозјето. Не ни претпоставував дека некогаш ќе се занимавам со лозарство. Моите родители произведуваа вино во комплетно домашни услови. Со тек на време доаѓа идејата за мала семејна (бутик) винарија, во 2005 година, регистрирана како „Винарија Ерос“. Со тоа дојде и потребата од технолог во винаријата. Таа улога ми припадна мене, па го продолжив образованието на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, отсек преработка на производи од растително потекло. Првото мое произведено вино, што ми се допадна, ми ги смени плановите. Дознав колку широко поле за работа е виното, напротив моето незнаење открив дека има многу широк простор за креација. Ми се отвори еден нов свет. Почнав да истражувам и навлегувам се подлабоко, па сега еве ме, надоместувам за пропуштеното, вели Сашко во разговор за „Зелена берза“.

dav

Најголемиот дел од лозовите насади на семејството Андови се органски сертифицирани. Вкупно се обработуваат 2.5 хектари со лозови насади. Во асортиманот се застапени вранец, темјаника, мускат отонел, жилавка, смедеревка. Лозовите насади се наоѓаат на различни локации во околината на Кавадарци и атарот на село Марена, на 300-350 метри надморска височина.

-Моите родители произведуваа вино во домашни услови скоро една деценија. Првото произведено вино беше вранец од педесет годишен насад, со интензивна црвена боја, силен алкохол и впечатливи ароми и вкусови. На ‘долг и исцрпен состанок’ на татко ми со своите другари и долго филозофирање за опојот што го предизвикува ова вино, едногласно му го даваат името „Ерос“. Подоцна со регистрацијата „Ерос“ станува и бренд на винаријата, раскажува Сашко за почетоците.

dav

Од искуство наведува дека за регистрација на винаријата порано се барало исполнување на  многу услови, додека денес, благодарение на измените во законот за вино, е возможно регистрирање на семејна винарија само со исполнување на најосновните услови, што според нашиот млад лозар, е одлично за лозарството, винарството и туризмот во нашата држава.

-Тоа беше поттик и за формирање на Здружение на „Тиквешки семејни винарии“, кое преку директна соработка со институциите придонесе многу за измените на Законот за вино. Здружението брои околу 30 членови, најголемиот дел од Кавадарци и Неготино, но и од Прилеп, Градско, Велес и Скопје. Долги години сме дел од движењето Slowfood со президиумот Станушина. Оваа година како пилот проект Slowfood ја отпочнаа Slowine, платформата која треба да ја смени сликата за малите семејни винарии. Првично под капата на Slowine се вина од 6 винарии од „Тиквешки семејни винарии“. Секоја мала винарија си има свое вино, свој белег. Разнообразноста е одлична можност за осознавање и изучување на винската култура и потенцијалот кој го поседуваме како вински регион, вели Андов.

dav

Според него малите семејни винарии имаа иднина, бидејќи грозје на пазарот секогаш ќе има, но предност е сопственото производство.

-Предноста кај грозјето од сопствени насади е тоа што сами одлучуваме на кој начин ќе ги одгледуваме насадите, како ќе ги третираме. Секогаш има простор да експериментираме, да истражуваме нови техники, за да го подигнеме квалитетот на грозјето. Кај нас, начинот на огледување е со минимални ампелотехнички зафати, односно веќе петта година применуваме само косење на плевелите, без воопшто да ја вознемируваме почвата. Така се обогатува живиот свет, се јакне биодиверзитетот, а почвата се одржува жива. Со тек на време растенијата од тој биотоп, вклучително и виновата лоза, ќе постигнат баланс околу потребите од вода и хранливи материи, а меѓусебно и се подржуваат и штитат со привлекување на корисни инсекти и одбрана од штетници. Во жешките летни денови почвата останува заштитена, намалено е испарувањето, а при врнежливи денови со искористување на вишокот вода се намалува и појавата на болести кај виновата лоза, објаснува Сашко за начинот на производство.

Берба на грозјето на светлото на месечината

Андов не крие дека секогаш експериментира во производството, како во лозарството, така и во винарството. Веќе четврта години по ред, бербата на темјаника и мускат отонел ја извршува навечер, што според него е ново и доста интересно искуство.

-Се собираме другари, пријатели, роднини. Ги закачуваме челните ламби на главата и забавата почнува. За нас најважно е дека ги избегнуваме високите дневни температури. Исто така, и лозата навечер спие, мирува, нема размена на материи од коренот до плодот и обратно. Тоа доведува до зачувување на аромите и зголемување на комплексноста на виното, раскажува младиот винар Андов.

Инаку дизајнот на етикетите на вината од „Винарија Ерос“ е впечатливи и креативни кои будат емоции.

-Пред нешто повеќе од две години преку соработка со уметничката и илустраторка Весна Ничевска го променивме дизајнот, односно секоја етикета си доби своја илустрација , со тоа и секое вино доби свој белег. И секогаш приказната зад сликата се поклопува со онаа на виното, вели Сашко.

Винаријата е со капацитет од 12.000 литри. Може да се дегустираат и купат вина вранец од 3 различни берби, 2018, 2019, 2020, со јачина од 15.5 до 17.5% алкохол, два различни типа на шардоне, едното полуслатко, другото суво, темјаника, мускат отонел, жилавка. Станушината ја преработуваат во 3 нејзини форми, како црвено, розе и бело вино. Покрај виното, произведуваат и гроздов сок и маџун, без користење на конзерванси, вода, вештачки бои и ароми.

Продажбата најмногу е во винаријата, а нешто помалку по ресторани. Најголемо внимание има интернетот, со целата достапност, можност за рекламирање и продажба.

-Не само за младите, туку и за сите генерации, винарството е одличен извор на инспирација, еден начин на изразување. А никогаш не е доцна да се почне со учење. Целта е да не престаниме да истражуваме и да експериментираме, порачува Сашко Андов.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close