Се бара „еким“ за маките на земјоделците!
Дали е нормално да имаме толкаво незадоволство?
Има ли човек кој може да најде лек за сите „болештини“ на македонското земјоделство?
Дали е нормално да имаме толкаво незадоволство?
По тутунарите, незадоволни се и лозарите, по лозарите – оризарите, по оризари – градинарите, по нив …овоштарите…
И овој септември македонското земјоделие врие, како што врие и грозјето пред да се стори вино.
Сведоци сме на протести, на истурање на преполни трактори со грозје пред капиите на една од најголемите откупувачи на грозје „Тиквеш“. Тоа што лозарите го „истурија“ пред винаријата не е само обично грозје, туку тоа е нивниот леб, трудот, маката, потта, егзистенцијата на нивните деца и фамилии.
Не се незадоволни само лозарите, и тутунарите ја чекаат помошта од државата, а и оризарите го креваат гласот пред новата жетва. Жетвата на прагот, а тие немаат откупни цени. Ај што немаат цени, туку што да прават со оризот што им остана по амбарите од ланската реколта?
Едно е јасно, незадоволството кај земјоделците се повторува од ниските откупни цени и од непочитувањето на договорите од страна на откупувачите без оглед дали биле на хартија или пак неформални.
Во еден ваков амбиент сите забораваат дека земјоделското производство се намалува од година на година, нивите се откажуваат, плевелот и сувата земја господарат со македонската плодна почва.
Цените ги диктираат светските берзи
За да биде појасно, во изјава за Нова Македонија професорот од Земјоделскиот факултет во Скопје, Ордан Чукалиев, вели дека регулацијата на пазарот не е работа на државата и таа не би требало да ја презема таа улога при дефинирање на цените на земјоделските продукти.
-Светските берзи ги диктираат и цените кај нас, па ако таму цените се пониски, ќе бидат и кај нас. Откупувачите ги бараат најниските цени за да можат и тие да заработат, но дополнително што кај нас има и други проблеми. Организирањето на откупот е тежок процес, се правеа повеќе обиди да се организира истиот тој, се прават откупни центри, се организираа и веб-сајтови со цел преку нив да се организираат земјоделците, да можат да пронајдат најсоодветен купувач, но истите тие имаат слаба примена. Посебен проблем е што земјоделците обично се принудени побрзо да ги продаваат производите бидејќи истите тие не траат долго, а немаат каде да ги чуваат, па ги даваат и по пониски цени. Ова е доста комплексна тема, која бара повеќе решенија, смета Чукалиев.
Професорот исто така посочи дека ние сѐ уште немаме стандардизација во производството. Можеби е добро што имаме диверзификација, разноликост, но кај големите откупувачи што целат на пазари со големи производства, потребно е да се организираат земјоделците и да понудат исто производство, да ги задоволат нивните стандарди, кај нас тоа сѐ уште не е постигнато…
Но, едно е јасно, нашите села се соочуваат со расцепкана земја, ама и иселување, едноставно нема кој да ја работи земјата. Повозрасните земјоделци потешко ги применуваат современите начини на земјоделско производство. Тука се наметнува прашањето – има ли „лек“ за ваквата состојба? Дали организирањето на земјоделците во задруги со планирано и договорно производство е еден од начините да тргне работата напред? Дали окрупнувањето на парцелите е возможно во сите региони? Дали се потребни нови технологии за рентабилно производство, масовно и планирано производство со пониски трошоци и цени?
Зашто да не заборавиме, не се незадоволни само земјоделците, туку и потрошувачите. Цените на земјоделски производи на зелените пазари растат ли растат, а економската моќ на граѓаните е се послаба. Во тој синџир на производители-откупувачи-потрошувачи, само еден е задоволен тоа се накупците, кои ќарат од сите страни.
Анета Блажевска