Се отвора нова фабрика во Тетово со 300 нови вработувања
КИЕЛ Македонија со нова фабрика во ТИРЗ Тетово, инвестиција од 9,2 милиони евра и 300 нови вработувања
Почнува реализацијата на нова инвестиција на КИЕЛ Македонија во ТИРЗ Тетово. Компанијата КИЕЛ, која е водечки производител на седишта за возови и автобуси, почнува со изградба на новиот производствен погон во ТИРЗ Тетово, инвестиција од 9,2 милиони евра, напиша министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил.
Во новиот производствен погон во Тетово, кој ќе се простира на површина од 7.500 квадратни метри, како што посочува, предвидено е да бидат отворени 300 нови работни места за лица од Полошкиот регион.
– Министерството за економија даде согласност за потпишување на договор помеѓу Друштво за производство на внатрешни компоненти КИЕЛ Македонија и НОРМАК инвестмент гроуп со што почнува реализацијата на оваа нова инвестиција, истакнува Бектеши на ФБ и додава дека според планот за реализација новиот погон КИЕЛ Македонија ќе започне со производството до крајот на 2022 година.