Се подготвува планот за наводнување во ХС „Брегалница“
Акционерското друштво „Водостопанство“ подружница „Брегалница“ Кочани по неколку реализирани средби со земјоделците од кочанскиот регион, направи план за наводнување во наредната наводнителна сезона, како и за одржување на Хидросистемот, поправка на одделни делници од истиот, за успешна наредната сезона во 2017 година.
– Целта на средбите е да бидеме поблиску до самите водокорисници за да разговараме со нив и да знаеме кои мерки да ги преземеме. Пративме писмен допис до сите месни заедници да се изјаснат во однос на планот за наводнување, а воедно на терен ги проверуваме сите канали, каналети, вади за да видиме во каква состојба се и годинава ќе посветиме на нив поголемо внимание, вели Николчо Гоцев, директор на АД „Водостопанство“ подружница „Брегалница“ Кочани.
Каналите за наводнување се стари повеќе од 40 години, но сепак од претпријатието велат дека прават напори за нивно одржување, а паралелно со овие активности се прават напори за привлекување на странски инвестиции да може да се реконструираат дел од тие канали. Во моментов, додава Гоцев, се работи на каналот ГК 18 во Штип. Станува збор за проект на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а изведувач на работите е турска фирма а истиот треба да биде завршен до наредната сезона.
Инаку, планот за наводнување за наводнителната сезона 2017 година на ниво на Водостопанство Брегалница Кочани се очекува да биде донесен наредниот месец.