Се повеќе млади сакаат да работат на семејните ниви
Голем интерес има за грант за млади земјоделци кај жители на општините Кавадарци и Росоман. Во Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, работна единица Кавадарци, аплицирале 40 лица заинтересирани да почнат да се занимаваат со земјоделство. Од нив, досега на 14 апликанти им било потврдено дека ги исполнуваат условите за добивање грант до 600 илјади денари.
Се работи за млади луѓе на возраст од 18 до 40 години, кои првпат одлучуваат да се занимаваат со земјоделство, откако најголемиот дел од нив го има наследено земјоделскиот имот од своите родители или, пак, сами се стекнале со свое земјоделско земјиште. Услов е исто така апликантите да почнале да се занимаваат со земјоделство во последните 18 месеци информира Драганчо Николов, раководител во кавадаречката филијала на агенцијата.
Тој соопшти дека грантот најчесто опфаќа набавка на земјоделска механизација за потребите во земјоделството, лозарство или овоштарство. Се мисли на трактори, атомизери за заштита на земјоделските култури, плугови за орање и слично.
Грантовите се исплатуваат во рамките на мерката 112 од Програмата за рурален развој на Република Македонија.