Се сади новата реколта тутун, очекувањата поголеми
Николче Мирчески, тутунопроизводител од Беровци, Прилепско кој вели дека не се откажува од тутунот, но сака реално да биде платен. Годинава е сушна.
Во тек е расадувањето на тутунот од новата реколта и тутунарите ги засадуваат речиси истите количества.
Меѓу нив е и Николче Мирчески, тутунопроизводител од Беровци, Прилепско кој вели дека не се откажува од тутунот, но сака реално да биде платен. Годинава е сушна.
-Садам околу 25 декари тутун, исто како лани. Очекуваме да биде подобро годинава. И класата да биде подобра. Од тутунот не се откажувам, очекувам како лани производство од 4 до 5 тони. Времето е посушно од лани, сметам на подобар квалитет. Цената да биде над 200 денари за килограм, вели Мирчески.
За оваа година се склучени 27 650 договори со откупувачите за производство на 22 137 тони тутун. Според Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, количествата се незначително намалени и тутунарите остануваат со производството на оваа индустриска култура.
– Сега е во екот на садењето на новата реколта тутун. Планираното производство е нешто помало од ланското, но е солидно. Ако лани беа договорени 22 900 тони, сега се договорени 22 137 тони. Има благо намалување. Ако годинава биде сушна, може и помалку количества да се произведат. Лани поради дождовите се произведе повеќе и го имаше вишокот тутун, вели Стомнароски.
Стомнароски не сака да се навраќа на ланската катастрофална година, очекува постабилно и поквалитетно производство кое треба да донесе повисока цена. За да не се повтори ланската реколта, се бара промена на правилникот за тутун и повисоки цени. Средба со Министерството и со откупните претпријатија од Сојузот очекуваат наредниот месец.
-Очекувам да имаме средби наредниот месец со Министерството за земјоделство, со откупувачите. Нашето барање за промена на правилникот за тутун е доставено до Министерството. Мора да се измени правилниот за да се стави крај на тоа ценење по шифри. Мора да се укинат дополнителните класи, тутунот да се цени во три класи и една збирна, како четврта класа во која ќе биде сиот друг квалитет. Има расположение за тоа. Со ковид-ситуацијата работите се одложени, но најавено е да имаме средба наредниот месец, вели Стомнароски.
Од платежната агенција најавија дека кон крајот на оваа недела ќе почне исплата на субвенциите, а тутунарите се уште не знаат како и кога ќе ја добијат помошта од петиот пакет економски мерки.https://nezavisen.mk/se-sadi-novata-rekolta-tutun-ochekuvanjata-pogolemi/