Сè уште е опасно – пожарите локализирани, но и натаму активни
Утрово се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот.
Пожарите кои вчера избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување. На терен се противпожарни екипи со возила и механизација, припадници на Армијата, на Дирекцијата за заштита и спасување, и граѓани кои помагаат. Пожарот во Кочани што синоќа се закануваше да зафати и делови од градот се уште е активен. Од Територијалната противпожарна едница-Кочани за МИА информираа дека е голема веројатноста оти ќе се поврзе со опожарените места кај селата Бања и Тркање, каде што имаше пожар пред неколку дена.
Утрово се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот.
Пожарот во Ранковце е локализиран и ставен под контрола, објави на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Активен е пожарот кај Старо Нагоричане и мобилизирани се екипи за негово гасење.
За денеска е закажана седница на групата за процена на која ќе биде разгледана сериозноста на ситуацијата со пожарите и, како што најави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, доколку е потребно ќе биде предложено да се прогласи кризна состојба на дел од територијата или на целата територија на државата.
Претседателот Стево Пендаровски на предлог на Генералштабот на Армијата, а по анализа на состојбите, нареди да се прогласи тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди.
Оваа одлука, како што соопшти Пендаровски, е донесена со цел да може во координирана акција со сите институции целокупниот состав на Армијата да се стави на располагање за справување со пожарите на територијата на државата.https://nezavisen.mk/se-ushte-e-opasno-pozharite-lokalizirani-no-i-natamu-aktivni/