Се жнее на парцелите на АД „Црвени брегови“ Неготино
Почна жетвата во неготинскиот крај. Заради поволните временски прилики јачменот побрзо зрее па оттука секоја година жетвата почнува токму со оваа култура. Зелена берза од терен ги има информациите на АД „Црвени брегови“ од Неготино.
Задоволни се од стартот на жетвата и очекуваат убави приноси.
-Мислам дека ќе биде успешна година. Приносите се задоволителни се движат од 4-4,5 тони од хектар на јачменот. Од пченицата очекуваме помали приноси, бидејќи периодот кога требаше да се развива зрното беше многу сушен. Пченицата подоцна се жнее и очекуваме приносите да бидат околу 3 800 тони од хектар. Сепак мислам дека ќе ги оствариме целите, рече за Зелена берза Никола Аџиев, генерален директор на АД „Црвени брегови“ Неготино.
Од вкупно посеани 520 ха земјоделска површина, 360 ха се под јачмен, а остатокот на пченица. Околу цената и нејзиното формирање најголемо влијание имаат откупувачите, смета Аџиев.
-Мислам дека уште постои монопол кај откупувачите и во моментов тие ја диктираат цената. Не располагаме со сопствени силоси за складирање и вршиме продажба од парцела. Моменталната цената од 9,5 – 10 ден. плус ДДВ, не е доволна да ги покрие трошоците, вели Аџиев.
За сега намалувањето на трошоците се прави преку зголемување на приносите, обработка на парцелите со современа механизација и намалување на растурот при жнеењето што може да се постигне со нови комбајни. Моментално жетвата се одвива со нов комбајн John Deere w 650 Hil master кој може, како што велат искусните, да замени 4 стари комбајни.
-Со овој комбајн растурот е 0%, за разлика од оние што ги имаме пред 15 години кај кои растурот е од 10 – 15%. Многу сме задоволни и имаме во план в година да набавиме уште еден комбајн со кој ќе можеме да ја извршуваме жетвата на поголеми површини, со што нема да бидеме зависни од изнајмување на механизација од други приватни фирми, додава Аџиев.
Со оглед на многу нестабилното време што владее овој период од АД „Црвени брегови“ го користат секој момент што е можно да ожнеат повеќе ха, а после тоа и да ги обработат површините како што налагаат агротехничките мерки.
-Можете да забележите и вие од едната страна комбајнот жнее, а после него тракторот ја подрива ожнеаната површината. Обработката ја правиме со подривачи, односно целосно го избегнуваме класичното орање. Овде е таква почвата каде за да ја зачуваме влагата во неа мора веднаш по жнеењето да се изврши нејзина обработка. Не смееме ниту една ден да задоцниме затоа што ако ја изгубиме влагата ќе треба да се чека дожд за потоа да се изврши обработка на земјата, објаснува Аџиев.
Мулти функционален комбајн за жетва
Комбајнот W 650 Hill master е мултифункционална механизација која може да се користи за жетва на пченица, јачмен, маслена репка, пченка и сончоглед. Предноста на овој комбајн во однос на другите е прилагодувањето на ситата во хоризонтална позиција независно од наклонот на нивата, односно активната површина на ситата од 6,3м2 секогаш во целост е искористена. Идеален е за експлоатација по ридести терени и во зависност од конфигурацијата на теренот загубите се сведуваат на минимум, вели Оливер Лазаревски специјалист за техничка поддршка при избор на механизација во „Синпекс“ Битола.
Максималната снага на комбајнот W 650 Hill master изнесува 350 КS, со работна зафатнина на хедерот од 6,7метри со капацитет на бункерот од 9000л со можност за брзо празнење. Сите команди се регулираат преку контролна табла, со можност за автоматско подесување на параметрите за жетва.
Просторната кабина, големата прегледност и лесното управување на операторите им овозможуваат без тешкотии подолготрајна работа.
Задоволство е да се ракува со ваква современа машина
Ова го потврди и Сеад Манџо, оператор, кој во моментот ракува со овој комбајн. Вели дека е задоволство да се ракува една ваква машина, а разликата е огромна во споредба со оние стари комбајни.
-Да му е ќеиф на човек да работи со ваков комбајн. Има голема разлика со оние постарите. Станува збор за голема машина, но ракувањето со неа воопшто не е тешко. Не можам да зборувам ниту за тежина, бидејќи комоцијата во кабината и можностите што ги има комбајнот многу ја олеснуваат работата, вели Сеад.
Павлина Јовановска
Зелена Берза на терен. Жетва на јачмен АД Црвени брегови Неготино
Posted by Зелена Берза on Tuesday, June 16, 2020