fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Протече вода од Дабнишка река во каналот што води до лозовите насади во с. Ресава

Лозовите насади во с.Ресава ова лето нема да имаат проблем со наводнувањето. Жители од  селото  самоиницијативно го санираа каналот и доведоа вода до нивните лозја.

Протече вода во каналот од Дабнишка река што води до лозовите насади во с.Ресава. Како што велат Ресавци, долгогодишниот проблем што досега не го реши ниту една влада, го решија самите.

Поаѓајќи од изреката „дека волкот е дебел во вратот оти сам си коли овца“ , по многу неуспешни обиди за помош од надлежните, лозарите од овој крај  организираа работна акција како оние од бившите ЈУ простори, со таа разлика што наместо млади луѓе се собраа возрасни лозари. Велат дека младите одамна го напуштиле овој крај, а и оние што останале бараат „чаре“ да заминат затоа што нема услови за развој на земјоделие.

-Се собравме 10 лозари од овој крај да санираме она што може од  Дабнишкиот канал, кој одамна не е во функција. Се обидовме да го исчистиме каналот од нараснатата зелена маса (грмушки и трева) од наносен талог за да може водата да тече. За таа цел ангажиравме и багер. Набавивме нови вентили бидејќи старите не функционираа и еве конечно по неколку децении повторно потече вода по овој канал. Сè што направивме  е со наши финансиски средства и се надеваме дека ова лето ќе нема проблем со наводнувањето на лозовите насади, вели Зоран Пешков лозар  од ова село.

Еден проблем е решен но не знаат до кога. Ресавци сметаат дека ова е привремено решение и дека за да се реши трајно проблемот потребно е каналот да се покрие.

-Пред 25 години овој канал самоиницијативно и со сопствени средства го реконструираа жители од с. Ресава. Но не успеаја да го санираат во целост и да постават цевки по цела должина така што останаа уште 1,5 – 2 километри не дозавршени, објаснува Пешков. Повторно се обидовме да се самоорганизираме. Неколку дена работевме и чистевме. Ова е минимално оспособување и ако не се постават цевки, каналот повторно ќе обрасти   и проблемот може да се повтори. Се плашиме да не нѝ го затворат главниот вентил од Дабнишка река. Оваа река е единствена во државата која никогаш не пресушува и има секогаш вода. Со добро менаџирање може да има вода за сите, додава Пешков.

 

П.Јовановска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close