Граѓаните се жалат на постојаното зголемување на цените на производите во малопродажба, пред сѐ на храната, истакнувајќи дека едвај успеваат да купат намирници за секојдневните потреби. Овошјето и зеленчукот, како што велат, постојано поскапуваат, а граѓаните се вознемирени и од поскапувањето на лебот и пекарските продукти и на месото и на месните производи,објавува Нова Македонија.мк.
– Зеленчукот никогаш не бил толку скап, не само што не остануваат пари за зимници, одвај успевам да купам сѐ што сакам за ручек. Во последно време нема сезонско и вонсезонско овошје и зеленчук, цените им се превисоки. Не можам да се изначудам како во Скопје сѐ е прескапо, а земјоделци од цела Македонија се жалат дека производите не им ги откупуваат и дека ги фрлаат или им скапуваат по нивите – вели шеесетгодишната скопјанка Вангелина Тодорова.
Таа ја гледа вината, пред сѐ, кај трговците, кои, според неа, земаат преголема маржа.
– Ако не се толку загреани трговците за брза заработка, ќе ја постават маржата на пореално ниво. Сакаат за кратко време да се збогатат, па ќе купат по една цена од големите пазари, а од граѓаните бараат трипати повеќе. Разбирам дека свежите продукти скапуваат, но премногу е да се наплаќа трипати повеќе од набавката од производителот, кој сепак има поголеми трошоци за производство – додава Тодорова.
Наспроти тврдењата на граѓаните, во последната анализа за трошоците за живот на Државниот завод за статистика е утврдено дека во септември, во споредба со август 2019 година, има намалување на трошоците кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови, за 3,9 проценти, кај свежото и разладеното овошје за 2,8 отсто, сувото овошје и јаткастите производи за 1,9 процент, другите прехранбени производи за 1,7 отсто, оризот за 0,8, брашното и другите житарици за 0,5, млекото, маслото и маснотиите за 0,3 и кај јајцата за 0,2.
Но во истиот извештај Државниот завод за статистика укажува и на раст на цените на одредени продукти во малопродажбата.
– Раст на трошоците за животот во септември 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај сирењето и урдата за 1,3 процент, кај свежата и ладена риба за 0,6 отсто, кај пекарските производи за 0,5 проценти, месото за 0,4 и јогуртот за 0,3 отсто – се вели меѓу другото во соопштението на Државниот завод за статистика.
Упатените појаснуваат дека разликата помеѓу согледувањата на граѓаните и податоците на Заводот за статистика произлегува од фактот дека многу често граѓаните не навлегуваат во детали, туку гледаат генерално и претежно ги забележуваат само поскапувањата. Наедно, тие посочуваат дека при анализи на цените се прави просек од повеќе слични продукти, како на пример кај сирењата од сите типови се прави просек, а потоа на тој просек се пресметува дали има намалувања или раст, и истите тие може да создадат конфузија кај граѓаните бидејќи тие имаат различни цени зависно од типот и од производот.
Од Народната банка, пак, посочуваат дека инфлацијата се движи околу еден отсто, и дека се чувствува ценовен притисок.
– Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите девет месеци од годинава изнесува еден отсто, при што растот на цените е помал од очекуваниот. Наедно, очекувањата за движењето на странските цени, кои влијаат врз домашните цени, се главно надолно ревидирани. Следствено, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 1,5 процент засега се оценуваат како претежно надолни – појаснуваат од НБРМ.
Изминативе месеци, за кратко време пораснаа цените на свинското месо и тоа за дури 20 проценти. Поскапувањето на свинското месо почна по објавувањето мерки за заштита од африканската свинска чума.
– Дали ќе порасне цената на свинското место не зависи од нас туку од пазарот. И не само од нашиот пазар, бидејќи пазарните правила важат секаде, и истите ќе важат и во соседните земји и кај нас. Значи ако имаме поскапување или намалување на цените на пазарите во соседството, тоа ќе се пренесе и во нашата земја – вели Ефтим Шакалев од Асоцијацијата на земјоделците.
Инволвираните велат дека високите продажни цени се резултат и на администрацијата и на откупувачите, кои се претвориле во организиран монопол.
– Проблемот е и во големата бирократија и административен апарат, кој неколкукратно се зголеми, а за чие одржување се потребни финансиски средства што се собираат од такси, лиценци, дозволи, потврди, акцизи… Сето тоа го оптоварува производот додека патува кон консументот – вели Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.
извор: Нова Македонија