Пожарите што на почетокот од ноември гореа на Шарпланинскиот масив запустеа 50 хектари пасишта и шума. Пламените јазици беа на секој предел на Шара од Јажинце се до границата со планината Бистра.
Најризично беше на Попова Шапка каде пожарот се ширеше кон село Лисец. По десетдневната интервенција пожарот се стави под контрола, а целосно се локализираше откако времете залади и заврнаа дождови.
Командирот на Територијалната противпожарна единица Тетово Ука Алити, вели дека не памети вакви пожари. Штетата е огромна, но за среќа немаше повредени, зафатени објекти или недај боже човечки жртви.
-Каде и да се завртевме Шара гореше. Лошо беше што имавме сушен период и затоа од една мала искра лесно се пренесуваше пожарот. Има штета, но тоа што беше до нас го направивме. Можеби требаше да интервенираат канадери повеќе, на тој начин ќе се спасеше шумата, а тука беа само еден ден, рече Ука Алити командир на Територијалната противпожарна единица.
Поради пожарите Попова Шапка беше обвиена во густ чад. Хотелиерите велат дека многу гости ги откажале аранжманите, а некои кои биле гости во нивните хотели им заминале.
-Тие тука доаѓаат на чист воздух а не да дишат чад, и оправдано е што заминаа, не знам, како некако намерно ова да се прави некој сака на разни начини да создаде лош имиџ за Попова Шапка, требаше уште на почеток да се интервенира со канадари , за да не се зафати толку голема површина од пожарот, вели Хашим Сулејмани хотелиер на Попова Шапка.
Командирот Алити потврдува дека пожарите на Попова Шапка намерно се палат од разни причини.
-Ние увидовме дека пожари имаше на многу места на Шара, не беше изворот на оганот од едно место туку на повеќе места. Тоа значи дека овие пожари некој намерно ги пали. Претежно овчарите и земјоделците палат стрништа, и така секоја искра поради ветерот се пренесува на друго место. Мора малку да мислат овие пиромани кои се последиците, тука има животни има објекти има излетници. Шар планина е нашето најголемо богаство оттука пиеме вода, значи оваа природна вредност треба да се чува. Сето ова се случува заради неодговорно однесување на поединци. Мора да се внимава затоа што планината е голема, а ние немаме секаде пристап како пожарникари да интервенираме, може да настане уште поголема катастрофа, рече Ука Алити командир на ТПП Тетово.
СВР Тетово со апел до граѓаните за поголема внимателност. Потсетуваат на законските санкции за предизвикување на пожар.
-Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до граѓаните да бидат постојано внимателни ако се движат или работат во полето и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња и опушоци. Им се советува, исто така, на отворен простор да не оставаат стаклени шишиња или други лесно запаливи предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да причинат пожар, рече портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски
За неодговорно однесување или намерно предизвикување на пожари, предвидени се законски санкции. За предизвикување пожар, затворските казни се движат од 6 месеци до 8 години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.
Но досега барем во полошкиот регион нема изречено казна за намерно палење на пожари
Освен Шара во полошко гореа и нивите
Голем дел од земјоделците традиционално секоја година пред да настапи зимата органскиот отпад го палат, со цел да се ослободат од истиот. Поради ваквата практика во време на сончевите денови во ноември жителите од целиот Полог дишеа загаден воздух.
Од Агенцијата за поттик и развој на земјоделието, велат дека органските остатоци од нивите и ливадите кои го загадуваат воздухот, но преставуваат и голема закана за избувнување на пожари, наместо да се палат може да се искористат за потхранување на земјата.
-И на пролет но и на есен после бербата, земјоделците најчесто ги палат органските остатоци. Сега фактички го палат на некој начин органското ѓубре и така ги чистат површините и ги подготвуваат за сеидба и слично. Но од тоа нема потреба, истото тоа ѓубре може да за закопа во земја или да се изора има начини, а со тоа ќе се потхрани самата земја на природен начин, рече Петре Петрески раководител на Агенцијата за поттик и развој на земјоделите подрачно одделение Тетово.
Инспекторите од полошките општини велат дека постапуваат во рамки на законот. Ако има пријава излегуваат на терен, но досега до нив не стигнале пријави за палење на стрништа.
Од државниот земјоделски инспекторат велат дека вршат зачестени заеднички контроли на теренот со полицијата, противпожарните бригади и Дирекцијата за заштита и спасување.
Оттаму за медиумите изјавија дека не се опремени со теренски возила и опрема за откривање на кој тоа ги пали пожарите, а дополнителен проблем е што имаат мал број на инспектори, затоа и состојбата на терен е таква каква што е.
Зоран Димовски