Шест од осум причини за деградација на почвата потекнуваат од земјоделството, органското производство е спасот
Грижата за почвата во земјава е на незавидно ниво, согласни се и експерти и земјоделци
Шест од осум причини за деградација на почвата потекнуваат од земјоделските активности. Прекумерната употреба на хемиски препарати, но и несоодветниот начин на обработка го уништуваат еден од најважните природни ресурси кои, заедно со чистиот воздух и питката вода, мора да го зачуваме. Здравата почва е незаменлива и неопходна за одржување на животот и производство на безбедна храна. Од друга страна како ресурс е сериозно погодена и од климатските промени и лесно уништлива, а нејзините природни карактеристики и способноста за обновата на биомасата се ограничени.
И покрај тоа, грижата за почвата во земјава е на незавидно ниво, согласни се и експерти и земјоделци. Неопходно да се преземат итни мерки за да се зачува преку едукација на производителите за намалување на употребата на пестициди и други хемиски препарати, строг мониторинг на квалитетот и чести лабораторски анализи.
Намалувањето на органска материја во почвата, ерозијата, контаминацијата, салинизацијата, намалувањето на биодиверзитетот и набиеноста, се меѓу главните причини за деградацијата на почвата предизвикани од земјоделството, кои ги лоцираше Европската Унија. Професорката на Факултетот за земјоделство и храна, Татјана Миткова, вели дека проблемот со уништувањето и загадувањето на овој природен ресурс е сериозен, а може да биде уште полошо доколку продолжи да не се управува и менаџира на правилен начин.
„Земјоделците не прават претходна контрола на плодноста на почвата и често несоодветно употребуваат минерални ѓубрива и средства за заштита на растенијата. Тие, особено азотните ѓубрива, кои почвата нема механизам да ги задржи, завршуваат во подземните води и ги загадуваат. За среќа, нашите производители, заради финансиската состојба во која се наоѓаат, не употребуваат количини како земјоделците во развиените земји, па контаминацијата на почвата не е драстична. Сепак, тоа не значи дека не ни треба едукација и менување на навиките“, посочува Миткова.
Во последните години се забележува разлика во практиките кои ги применуваат помладите фармери, особено оние кои се одлучиле за органско производство. Тие вршат редовен мониторинг на земјата која ја обработуваат и бараат препораки кои препарати да ги користат за да не загадуваат. Според податоците на Министерството за земјоделство во земјава вкупните површини под органско производство од 2016 до 2020 година се зголемиле од 3.240 на 3.957 хектари, а бројот на органски производители пораснал од 533 на 908 производители.
Сузана Димитриевска од овчеполското село Мустафино произведува органска храна повеќе од 15 години. Таа вели дека сега процесот да се започне со овој тип на производство е многу полесен од порано, што треба да ги охрабри земјоделците.
„Пред повеќе од една деценија имаше само закон за органско производство и ништо повеќе. Сега се донесени сите правилници, познати се препаратите кои можат да се употребуваат, усогласен е начинот на конверзија и има солидно стручно знаење кое може да ги води во процесот. Постојат и компании за сертификација, а и субвенциите кои ги дава државата се добри,“ вели Димитриевска.
Од друга страна, посочува таа, мотивација плус е фактот дека овој начин на производство е најефикасното решение за спас на почвите од загадување и деградација.
Во последните години органското производство е тренд особено кај помладите фармери, а се појавуваат и компании кои преработуваат исклучиво органски производи заради тоа што се барани на пазарот.
Според Националната програма за земјоделство и рурален развој, поддршката за органското производство е за 30 отсто повисока од субвенциите за конвенционалното производство за фуражни култури, 50 отсто повисока за полјоделски култури, сточарско и пчеларско производство, 70 отсто за овоштарство и лозарство и 100 отсто за градинарско производство.
Производителите добиваат и покривање на половината од трошоците за сертификација на органското производство и на 70 отсто од трошоците за извршени агрохемиски, педолошки или анализи на остатоци од пестициди, тешки метали и др. материии на почва и во органски производи. Се зголемиле и субвенциите, кои лани биле 60 милиони денари, а годинава се 104 милиони денари.
Со овој тип на одгледување на растенија, од сите посочени закани за здравјето на почвата, најмногу ќе се избегне контаминацијата и компактноста, бидејќи се избегнува употребата на хемиски препарати и се применува редуцирана обработка на почвата. Според професорката Миткова, правилната примена на добра земјоделска практика значи фармерите, како што се грижат за растенијата, така да се грижат и за почвата.
„Ако куќата се прави од темелот, тогаш на еден фармер што вложува голема сума на пари во насад, првиот чекор треба да му биде испитување на почвата и нејзиниот квалитет. Понатаму треба да применува правилно ѓубрење и редуцирана обработка што значи со едно одење на механизацијата да се завршуваат повеќе операции. Кај повеќегодишните култури, пак, да се применува меѓуредово одгледување треви кои природно ја збогатуваат почвата со азот и ја поттикнуваат микробиолошката активност на почвата и ја штитат од ерозија и ја подобруваат структурата на почвата“, вели Миткова.
Министерството за земјоделство изработи Национална стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027година, што претставува стратешки документ за понатамошен развој на органското земјоделско производство. Од таму велат дека во следниот период планирано е да се зголемува информираноста на производителите за достапноста на средствата за заштита со објавување на листите на дозволени препарати, како и да се направат истражувања за потенцијалот на природните ресурси и заштитените области за органско земјоделско производство во државата.
„Преработувачката индустрија ќе биде поддржана за да ја зголеми количината и асортиманот на преработки од органски земјоделски производи што ќе придонесе за раст на органското примарно производство и зголемување на додадената вредност на производите. Со цел развивање на органски земјоделски преработувачки сектор се предвидува зголемување на висината на поддршката за преработка на органски производи и производи во преод и на поддршката за трговијата на свежи и преработени органски производи во преод од домашно потекло“, информираат од Министерството.https://meta.mk/shest-od-osum-prichini-za-degradacija-na-pochvata-poteknuvaat-od-zemjodelstvoto-organskoto-proizvodstvo-e-spasot/