Штети од измрзнување кај праските
Од 80 до 100 отсто измрзнување на праските предизвикаа ниските температури во изминативе денови, информираат од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Кавадарци. Најмногу страдале овоштарниците во пониските реони покрај Црна Река и Луда Мара, како и во реонот на селата Курија и Паликура каде што кај кајсијата регистрирано е измрзнување до 100 отсто, а кај праските од 80 до 90 отсто.
Раководителот во агенцијата, Драганчо Николов, соопшти дека најмногу се измрзнати овоштарниците од сортата „сприн крес“, а големи се штетите и кај сортите „фантазија”, „енде пенде“, „глорија”, „сан клаус“ и „спринт бел“.
– Во овој период кога се формира плодот кај праската најголемото измрзнување се случи изминатите денови во периодот од 2 до 5 часот кога температурата се спуштила до -4 степени вели Николов, меѓутоа дополнително ќе се утврдуваат и на другите реони.
Агрономот Стојче Несторовски од „Душан Ќириќ“ каде што праските се застапени на 220 хектари, вели дека измрзнувањето е различно во зависност од сортите и реонот и се движи од 70 до 80 отсто. Најмногу измрзнување има кај сортите „сприн крес“ и „крес хевен“ што може да доведе до преполовување на приносите на праски од годинашнава реколта.