Синиша Стефановски, најголемиот производител на малини: Почнавме да ја освојуваме Турција!
Тетовското село Јанчиште
Тетовското село Јанчиште, но и целиот Полог станува центарот за производство на малини во земјава. Компанијата LK Raspberry за само неколку години успеа да ги задоволи потребите на домашниот пазар, но и да произведе за извоз.
Синиша Стефановски, сопственик на компанијата е еден од ретките производители во земјава кој има однапред договорен откуп на целото производство по цена од која е задоволен. Тој вели дека бројот на производители и засадените површини постојано се зголемуваат, а со помош од партнерите од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем годинава инвестирале и во зголемување на капацитетот на ладилникот, пренесува Иновативност.
Синиша, кажете ни нешто повеќе за вашата компанија за производство на малини LK Raspberry. Со колку насади располагате вие и вашите кооперанти?
Многу сум задоволен што за само неколку години LK Raspberry и нејзините кооперанти станаа најголемите производители на малини во земјава, што ги задоволуваме потребите на нашиот пазар, а имаме и за извоз. Во последните две години постојано ги зголемуваме насадите, годинава LK Raspberry произведува на вкупно три хектари, а заедно со коопрерантите на кои им гарантираме откуп, годинава имаме засадено околу 13 хектари. Минатата година заедно произведовме 117 тони малини.
Сега соработуваме со 32 кооперанти кои веќе имаат насади подготвени за берба. Минатата есен ни се придружија уште тројца кои се уште не се подготвени за првата берба, но ќе бидат идната година. Бројот на кооперанти постојано расте, бидејќи им нудиме одлични услови. Откупната цена постојано расте, а откупот е загарантиран и однапред договорен. Имаме најава за уште десетина кои сакаат да садат есенва, со што сиот саден материјал кој ќе го призведеме ќе биде засаден. Тоа беше и мојата цел кога започнав со ова производство, што поголем број на земјоделци да го следат примерот и да го развиеме производството на малини во земјава. Тоа и ни успева. Единствено негативно е тоа што трпиме влијанија од промените во климата кои ни создаваат проблеми во производството.
Какви инвестиции се потребни за да се започне производство на малини?
На нашите кооперанти не им се потребни некои посебни инвестиции. Од LK Raspberry добиваат саден материјал и know-how, а од нашите партнери УСАИД секој доби систем за наводнување. Современите сретства за комуникација ни овозможуваат постојано да сме во контакт и да разменуваме информации за производството. Ги следиме садниците во реално време, излегуваме на терен и ги решаваме потенцијалните проблеми. Имаме загарантиран откуп од домашни и странски партнери, а нивниот број и постојано се зголемува. После малиот застој заради пандемијата, се враќаат некои партнери, како што е една компанија од Турција, која најави дека сака годинава да го откупи целото производство. Пламанот не ни е проблем, а тоа се должи на квалитетот на нашиот производ.
Објаснете ни го процесот на третман на малината, откако ќе биде набрана.
Малините веднаш се смрзнуваат и се чуваат во ладилник се додека не се транспортираат. LK Raspberry поседува ладилник со капацитет од околу 100 тони, кој минатата година ни беше мал, бидејќи произведовме околу 17 тони повеќе. Во соработка со УСАИД добивме грант од 80.000 долари, повторно инвестиравме и го зголемивме капацитетот со уште два ладилника за чување и со уште еден тунел за брзо замрзнување. Сега располагаме со простор за околу 400 тони малини.https://inovativnost.mk/2022/06/05/