вестиМакедонијаТоп вести

Скочивир живее со спомените од Првата светска војна

  Во кругот на селската црква се наоѓаат повеќе спомен обележја на српски војници загинати во овие битки. Исто така тука се наоѓа и спомен обележје на Владимир Андонов Чопов, внук на великанот Гоце Делчев.

Селото Скочивир се наоѓа во битолскиот дел на Мариово. До него води тесен асфалтен пат со должина од 34 километри. Тоа е распослано на левиот брег на Црна Река. Во минатото кога многу селски населби прераснале во општини тоа припаѓало на Општина Бач, додека денес тоа припаѓа на Општина Новаци. Од селото Скочивир започнува живописна клисура на Црна Река  која се протега се до Тиквешкото Езеро во должина од околу стотина километри. Селото зафаќа голем атар од околу 90 км2 кој се протега се до државната граница кон Р.Грција.

Името на селото за првпат било забележано во турските дефтери уште во 1468 година во кое се споменува дека тогаш го населувале 11 христијански семејства. Во селото се наоѓа селската црква посветена на „Св.Петка“ која е изградена во далечната 1860 година, додека во 1970 е изграден манастир во околината кој е посветен на „Св.Архангел Михаил“.

Жителите на ова село во минатото претежно се занимавале со земјоделство, сточарство и риболов. Во селото се одгледувале и говеда но повеќе била присутна ситната стока како овци и кози. На ситните  земјоделски површини доминирал компирот и житните култури.

Во текот на Првата светска војна селото Скочивир и неговата околина биле зафатени во виорот на воените дејствија кои се одвивале помеѓу војските на Антантата и Централните Сили. Борбите биле особено крвави во текот на 1916 година, пред се во битката на врвот на Кајмакчалан и Сива Стена. Воените дејства во околината продолжиле и во 1917 година, каде што се случила и познатата битка на Завојот на Црна Река. Загубите и на двете завојувани страни во оваа битка биле ужасни. Само на 9 мај 1917 година загинале 5425 офицери и војници на Антантата, додека кај војската на Централните Сили овие загуби изнесувале околу 1605 офицери и војници. Водата на Црна Река добила крвава боја од крвта на војниците од различни националности. Сепак оваа битка завршила со победа на силите на Антантата. Во кругот на селската црква се наоѓаат повеќе спомен обележја на српски војници загинати во овие битки. Исто така тука се наоѓа и спомен обележје на Владимир Андонов Чопов (внук на Гоце Делчев) кој загинал како бугарски војник во битката на Завојот на Црна Река, но неговото телото никогаш не било пронајдено.

Како и во сите други села во Мариово, така и во селото Скочивир се случила масовна депопулација на населението во периодот од 1961-1983 година. Најголемиот број од жителите емигрирале во Битола и околните села. Не е мал и бројот на жители кои емигрирале во Германија и Шведска, како и во прекуокеанските континенти Австралија и Америка. Денес во селото живеат околу 20 жители.

 

Фотографија и текст: Игор Петровски

Слични написи

Back to top button
Close