Се прават ли манипулации со  семенскиот материјал?

(Oвој напис е објавен на: July 1, 2019)

„Што ќе посееш тоа ќе ожнееш“

 

Квалитетното семе  е основа за успешно земјоделство. Која сорта на семе да се употреби за да може да се добијат поголеми приноси? Поголемиот принос не е единствениот фактор за да се употреби квалитетно семе. Промената на климата си го направи своето. Она  на што години наназад говорат и укажуваат научниците  е токму тоа, климатските промени кои имаат големо влијание врз земјоделското производство. Македонското земјоделство не е имуно на климатските промени.  Суши , дождови, град , сонце, болести кај културите така што земјоделските производители сакале или не доколку сакаат принос мора да употребат квалитетно семе, кое е издржливо на временски промени, болести итн.  Климата толку се променила што сите оние оптимални рокови за , на кои укажуваат агрономите , се променети и границите се поместени.  Земјоделците се повеќе стануваат свесни дека треба да употребуваат нови семиња. На пазарот пак ги  има секакви  и домашни и увозни. За волја на вистината се прават и разни опити, се организираат посети на полиња  со цел да се демонстрира од кое семе се добива поквалитетен род. Ги прашавме нашите земјоделци какво семе употребуваат?

Радува фактот што сите набавуваат сертифициран семенски материјал.  Се обидуваат да ги следат новините и да употребуваат семе кое што најмногу ќе им се исплати.

-Секоја година земам сертифициран семенски материјал. Има семенари во државата. Има семе и од домашно и од увозно потекло, вели Ивица Стојчев  од с. Иванковци велешко.

-Горан Богевски од Свето Митрани  Крушевско вели дека нема никакво проблем за набавка. Какво семе сакаш  можеш да купиш.

-Ако се направи споредба со употреба на сертифициран семенски материјал и  со друг не сертифициран  семенски материјал  разликите се многу големи. Со употребата на квалитетно семе , и секако добри земјоделски практики се добиваат за 20% поголеми приноси, вели Владе Крстевски од с. Горно Агларци.

Дали и колку веруваат во квалитетот на семињата коментарите кај земјоделците се различни, во зависност од тоа кој како поминал. Сакаат да веруваат дека семињата се квалитетни, но не секогаш квалитет от ги задоволува нивните очекувања.

-Бидејќи сум по струка агроном  секогаш внимавам какво семе купувам и сеам. Сакам да експериментирам и сам да се уверам во квалитетот. Имам сеено со повеќе сорти: Амазон, Ингенио, Симонида и др. Повеќе им верувам на странските семиња. Навистина се поскапи, ама даваат поголем принос. Цената на семињата  се движи од 22 – 25 ден за кг, за сертифициран семенски материјал. Не може секој да ја издржи цената, на некого  му е скапа, па  се принудени да користат меркантилно семе кое е околу 12 ден/кг, вели Крстевски. Државата дава субвенции во висина од 6000 ден  по  ха за примена на сертифицирано семе, доколку поднесе  фискална сметка и  и документ дека сепак семето е сертифицирано.  Бидејќи исплатата не се врши навреме, некои земјоделци не може да ја издржат цената и сеат семе со послаб квалитет,додава Крстевски.

Но не секогаш цената е најголем проблем. Често земјоделците иако купуваат сертифицирано семе, сепак се случува квалитетот да не одговара на  платеното.

-Квалитетот каков е таков е . Што ќе посееш тоа ќе ожнееш. Моментално не им верувам за пченицата и јачменот. За пченката е подруго. Го купуваш за сертифициран , ама кога ќе го отвориш вреќето се случува нашето да е подобро од тоа внатре. Се прават манипулации. Бидејќи го користиме секој поволен момент за сеење, не можам да одам по инспекции и комисии да се жалам. Тука треба Државниот инспекторат  да настапи и да преземи нешто. Српското семе е подобро. Во земјоделските аптеки има секакво семе, ама најмногу манипулации се прават со она семе што се пакова во Македонија, вели еден земјоделец што сакаше да остане анонимен.

Не е единствениот на кого  ова му се случило. Ивица Стојчев вели дека лично тој  не се сретнал со лош семенски материјал, но познава луѓе кои иако платиле скапо сепак не добиле квалитет според цената.

Земјоделците сметаат дека Државата треба да преземе мерки да не се прават вакви манипулации за сепак нивната мака да им се исплати.

П.Јовановска