Слабиот принос на пченицата може да го поскапи лебот
За да не дојде до зголемување на цената на брашното и лебот, земјоделците препорачуваат ресорното министерство да стави поголем ред околу увозот на брашно со што се прават и големи штети на земјоделците бидејќи меѓу увозниците има и компании од текстилната индустрија
Едно од барањата на земјоделците покрај интервентен откуп е и условен увоз, која беше донесена пред неколку години и која даде добри резултати
Поради сушата и доцните мразови, годинава приносите од жито во Пелагонија ќе бидат преполовени, велат земјоделците кои деновиве ја започнаа жетвата. Исто така, тие сметаат дека понудената откупна цена од 8 денари за килограм е прениска и ќе услови намалување на посевите под пченица и незадоволство кај земјоделците бидејќи нема да можат да ги задоволат производствените трошоци. Според проценките на земјоделците, откупната цена на пченицата треба да биде 12 денари за килограм како би можеле да имаат исплатливо производство. Во спротивно тие се закануваат со преориентација кон одгледување на други култури.
– Првите резултати од жетвата на пченицата се многу лоши и според нив годинава нема да имаме добри приноси како што беше пред две – три години. Јачменот веќе се жнее, но приносите годинава се катастрофални, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.
Тој вели дека годинава мразот и сушата го собраа родот и приносите, а земјоделците останаа да се надеваат дека барем ќе се постигне очекуваната цена од 12 денари со која ќе можат да си ги покријат трошоците.
Како што стојат сега работите од родот не можат да ги покријат ниту трошоците за ѓубрива, хемиски препарати, заштита на растенијата од болести штетници и плевели кои годинава се поскапи од лани.
Земјоделците покрај од слабите приноси се револтирани и од односот на мелничарите кој ја одредуваат цената, квалитетот и чистотата на пченицата. Сега засега мелничарите нудат само 8 денари за килограм, а парите ги исплаќаат за три месеци.
– Оние кои имаат можност ќе ја чуваат пченицата за да постигнат повисока цена. Ако уште неколку дена не се најде решение околу откупната цена ќе бараме средба со премиерот, вели Тантаров и додава дека го прифаќаат предлогот на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија државата преку Бирото за стоковни резерви да откупи 50.000 тони од годинашниот род на пченица по 12 денари за килограм и да ги чува до ноември или декември годинава за кога очекуваат пораст на цената.
За да не дојде до зголемување на цената на брашното и лебот земјоделците препорачуваат ресорното министерство да стави поголем ред околу увозот на брашно со што се прават и големи штети на земјоделците бидејќи меѓу увозниците има и компании од текстилната индустрија.
Едно од барањата на земјоделците за да се примени мерката која беше донесена пред неколку години, а тоа е условен увоз за килограм брашно да се откупи 5 килограми домашна пченица или за еден килограм увезена пченица да се откупат 3 килограми домашна пченица.
Според официјалните податоци, минатата година од 80.000 хектари насеани со пченица родот изнесувал 306.000 тони или 60 проценти повеќе во споредба со претходната жетва 2015 година. Просечениот принос беше 3.800 килограми на хектар. Просечната откупна цена на пченицата лани изнесуваше од 8 до 9 денари за килограм, а брашното чинеше 12 денари за килограм.