Со измени на Законот за легализација на дивоградби се продолжува неговата важност за уште пет години
Со измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, којшто заклучно со вчера беше во сила десет години, треба да се овозможи негово продолжување уште пет години за да може општините да постапуваат по нерешените предмети за легализација.
Со измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, којшто заклучно со вчера беше во сила десет години, треба да се овозможи негово продолжување уште пет години за да може општините да постапуваат по нерешените предмети за легализација. Тие законски измени се на дневeн ред на денешната 34. седница, но за нив Парламентот ќе расправа откако ќе поминат во надлежните комисии. Во собраниска процедура е и новиот предлог закон за легализација на дивоградби со којшто се овозможува легализирање на вакви објекти, со одредени исклучоци, но со плаќање 50 проценти од износот на комуналиите.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски деновиве бара начин за легализација на бесправните објекти.
-Вчера истече рокот, има граѓани кои не успелае да соберат 50 евра за да направат елаборат и не успеале да ги легализираат нивните објекти, тоа е нивниот дом и сега немаат начин, остануваат дивоградби. Државата не треба да урива затоа што тоа е материјално добро и пред се, на најсиромашните. Ако не го продолжиме законот, еве заглавен е, навистина никој нема придобивка од тоа, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по почетокот на изградба на далекуводот Штип-Овче Поле.
Според министерот Бочварски, целта со новиот закон е да престанат нелегалните градби и процесот на градење да се одвива во редовни постапки.
-Новиот закон за бесправно изградени објекти којшто е во собраниска процедура е покренат од градоначалниците и со него сите плаќаат 50 проценти плус на комуналиите, со што секој оној којшто изградил бесправно, а ќе се вклопи во идниот развој на плановите ќе плати 50 проценти од износот на комуналиите како пенали со цел да го натераме народот да престане да гради нелегално, туку да оди во редовните процедури и постапки, рече Бочварски.
Важно е дека со овој закон решаваме клучни и главни инфраструктурни прашања и проекти на државата, далекуводи, гасоводи, водоводи и различни објекти што биле изградени одамна со сите процедури, но не се впишани во Катастарот. Овој закон треба да помине токму поради продолжување на постапките и процесите во државата, истакна Бочварски.
Во однос на станбените згради, тоа што беше одреден недостаток во претходниот закон, како што појасни, сега решението во новиот закон е дека нема да може да се легализираат големи станбени единици, со цел да не се наруши целиот простор и урбаното живеење во државата. Ова е една од придобивките со кои ќе ги запреме сите овие големи гломазни процеси кои беа во тек со претходниот закон, но сакаме заради решавање на важни прашања за граѓаните и за државата да продолжи овој нов закон за бесправно изградени објекти, изјави министерот Бочварски.
Од 2011 година кога почна процесот, досега се легализирани 265.264 бесправно изградени објекти.
Со Законот за легализација чија важност истече вчера можеа да се легализираат дивоградби изградени до март 2011 година, а во роковите што се продолжуваа во два наврати беа поднесени 430 илјади барања за легализација. Новиот предлог закон, пак, се однесува за дивоградби за периодот од март 2011 до октомври минатата година, со исклучок на дивоизградените згради, надградбите на зградите, проширените тераси, како и дивоградбите во заштитеното подрачје на Охридскиот регион.https://nezavisen.mk/so-izmeni-na-zakonot-za-legalizacija-na-divogradbi-se-prodolzhuva-negovata-vazhnost-za-ushte-pet-godini/