fbpx
ВестиВиноТоп вести

Со квалитетно грозје и одличен маркетинг македонските вина може да бидат конкурентни на пазарот

 

 

 

 

Една стара  поговорка вели „Во виното е вистината, а пред вистината и Боговите молчат“.

Дали виното е расипано  или Боговите се опиле? Лозарството во државата не може многу да се пофали со моменталните состојби. Лозарите незадоволни од откупните цени на грозјето во оваа сезона почнаа да го изразуваат своето неаздоволство. Му се пишува ли добра иднина на лозарството во Македонија?

Ништо не останало скриено, а вистината кога тогаш излегува на виделина така што и без вино , времето ќе го каже одговорот.

Деновиве сме сведоци на проблемите на  лозарите за да постигнат повисока цена за своето грозје. Цената на грозјето е таа што ќе ја диктира иднината на лозарството во Македонија, сметаат лозарите.

 

-Состојбата е многу лоша, но малку по малку, чекор по чекор  ги решаваме проблемите на лозарите , вели Трајче Кулев претседателот на Здружението на лозари „Напредни лозари “ од Кавадарци. Ја постигнавме бараната цена 13 денари по килограм  за смедеревка и 15 ден/кг  за вранец, додава тој. Ова го сметаме за напредок во  решавањето на проблемите. Тоа е показател дека Кавадарци и Неготино се движат кон вистинскиот пат, нагласи Кулев на прес конфеенцијата на која ги соопшти новите цени.

Иднината на лозарството Кулев, кој и самиот  се занимава со лозарство од дедо прадедо,   ја гледа само во постигнување на повисоки цени на грозјето. Моменталната состојба тој ја оценува како многу лоша.

 

– Лозарството малку по малку згаснува. Од година во година  е се’ поголем  бројот на лозари што ги намалуваат засадените површини, некои пак во целост ги напуштаат и својата егзистенција ја бараат на друго место, посочува Кулев.

Според лозарите доказ за ова е и овогодинешниот род кој го  проценуваат за 30% помал од ланската реколта . Имајќи ги предвид временските прилики кои предизвикаа појава на многу болести,  квалитетот на грозјето е на задоволително ниво. Трошоците секоја година им се зголемуваат, а треба од нешто и да се живее, се жалат лозарите.

-Ако не се субвенциите од државата целиот род ќе остане на нивите, вели Кулев.

Ако не се производителите на грозје нема да може да опстанат ниту винариите , објаснува тој. И покрај тоа што некои винарии имаат сопствено производство многу е тешко затоа што нема аргати кои би работеле на плантажите, посебно младите кои својата егзистенција ја бараат настрана од лозарството, посочува Кулев.

 

 


Владата ќе обезбеди дополнителна субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје за сортите вранец и смедеревка
.

 

Последната средба со премиерот на државата Зоран Заев како и градоначалниците на Неготино и Кавадарци, Тони Делков и Митко Јанчев вроди   плод. Се постигнаа повисоки цени, за што владата донесе и одлука. Субвенциите преку Програмата за финансиска подршка во земјоделството за 2018 год, може да ја користат  оние земјоделски стопанства кои имаат површини под лозови насади и оствареното производство  од сортите вранец и смедеревка   од реколтата  2018 да е предаено  во регистрирани капацитети за производство на вино во РМ.

Со оваа одлука ќе се влијае на рентабилноста на производството  не само на најзастапените сорти на грозје смедеревка и вранец, туку и на останатите сорти. Како што беше кажано, Владата ќе обезбеди средства за вршење на дополнителни контролои за мерење на шеќерните единици, а сѐ со цел да нема манипулации во проценките од страна на винариите.

 

Квалитетно производство  и градење на бренд основа за развој  на лозарството

Добрите познавачи на виното велат дека Македонија, посебно тиквешкиот регион,  има одлично поднебје за одгледување на грозје, а со тоа и производство на квалитетни вина. И покрај овие придобивки сепак лозарството како дејност во државата се соочува со бројни проблеми. Покрај  помалите индивидуални   производители и поголемите производители и  винариите  се соочуваат со проблеми кои од сезона до сезона се различни.

Стручните лица посочуваат дека за развој на лозарството во Македонија, како пазарно ориентирана држава, потребна е стратегија во која ќе бидат опфатени сите важни сегменти.  Квалитетното производство  е на прво место. Квалитетното грозје ќе овозможи квалитетно вино, но развиен маркетинг ќе придонесе за подобра и поголема продажба на вината,  посебно на странските пазари. Големи количини од домашното вино се продава како наливно. Она што може да ја промени иднината на лозарите во нагорна линија е производство на флаширано вино и градење на препознатлив бренд.

 

 

Министерството за земјоделство  интензивно работи на развој на оваа извозно оринетирана гранка

 

Оваа година се очекува вкупното производство на грозје да биде околу 250 илјади тони.

Откупеното грозје од реколтата 2017-та од страна на винарските визби е целосно исплатено, односно по овој основ винарските визби исплатија 755 милиони денари. Просечната откупна цена на винското грозје во 2017 година е 13,67 денари за килограм, што претставува зголемување од 11,5 отсто во споредба со 2016 година кога била 12,27 денари за килограм. Ова е највисоката просечна откупна цена во последните шест години.Според проценките на МЗШВ и на винарските визби оваа година се очекува да биде поволна од аспект на извозот и вредност на извозот, ако се има во предвид дека заклучно со април годинава вкупниот извоз на вино од Македонија бележи пораст од 8 отсто по количина и 11 отсто по вредност, додека просечната цена по единица мерка бележи пораст од 3 отсто, споредено со истиот временски преиод во 2016 година.

Во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 20 отсто се  повисоки субвенциите за одржување на лозови насади за они кои имаат од 1 до 10 хектари, односно за лозарите со развоен потенцијал, или  наместо 44.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар. Исто така се воведе нова дополнителна субвенција од 12.000 денари по хектар за реконструкција на лозови насади, за промена на сортимент, што е важно за следење на светските трендови и за зголемување на конкурентноста, соопштуваат од Министерството за земјоделство .

 

Македонија е на 28 место во светот според извозот на вино

Според извозот на вино  Македонија во светски рамки е рангирана на 28 место, а на 173-то според увозот, објави специјализираниот меѓународен сајт за статистика www.worldstopexports.com.

Минатата година од извозот на вино земјава реализирала 52,4 милиони долари што е 0,1 отсто од извозот на светско ниво.

Вредноста на македонскиот увоз, пак, лани достигнал 699.000 долари што е 0,002 процента од извозот во светот.

Според „Worldstopexports“, светски лидери во извозот на вино се Франција, Италија, Шпанија, Австралија и Чиле со реализирани од две до 10,3 милијарди долари, а најголеми увозници се САД, Велика Британија, Германија, Кина и Канада, со остварен увоз од 1,9 до 6,2 милијарди долари.

За квалитетно вино потребно е квалитетно грозје

Производството на вино во домашни услови е стара традиција во Македонија. Покрај добро грозје потребно е и познавање и умешност во процесот на производство , за да се добие квалитетен производ  –  вино.

 

-За здраво и квалитетно вино грозјето треба да биде со соодветна технолошка зрелост, посочува Драганчо Николов од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството РЕ Кавадарци за Зелена берза. За белото вино потребно е грозјето да има над 19 шеќерни единици, додека за црното потребни се над 20 шеќерни единици. Особено треба да се внимава на хигиената на просторијата и садовите во кои се става грозјето, а потоа и садовите за вино. Садовите, односно бурињата,  мора да бидат добро исчистени и дезинфицирани. Секако треба да се внимава и на температурата  при вриењето на грозјето особено за белите вина. После мелењето на грозјето белото вино веднаш се преточува во садови, додека црвеното вино останува 7-8 дена во комината, па потоа се преточува.

За вкусот на виното покрај добро треба да се внимава и на сулфитацијата, додавање на винобран,  хигиената на садовите односно шишињата во кои се преточува  како и просторијата во која се одложуваат истите, објаснува Николов.

Во винариите со оглед на тоа што се произведуваат поголеми количини на вино се применуваат поголеми машини како и соодветен техничко – технолошки процес кој го следат стручни лица – енолози. Но , сепак квалитетот на грозјето е примарен фактор.

Македонецот   во просек пие по  2,2 л вино

Според податоците на Државниот завод за статистика  полнолетниот македонски граѓанин просечно пие по 2.2 литри вино .

Во Македонија има 48.000 земјоделски стопанства кои поседуваат лозови насади, стои во извештај на Државниот завод за статистика.

88 милиони пенушки се засадени на површина од 23.613 хектари.Во домашни услови во земјава се произведуваат 13 милиони литри вино.

77 винарии произведуваат 2805 милиони литри вино во шишиња, и 7850 милиони литри вино на точење.

Прометот на вино е 14.9%,  од вкупниот промет на алкохолни пијалоци.

Извозот на вино е во вредност од 477 милиони евра, а увозот е 0.5 милиони евра.

 

Павлина Јовановска

„Зелена берза“

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close