Co маслодајна репка се чисти велешката почва
Четворица велешки сопственици на земјоделски површини се јавиле на огласот на Еколошкото друштво „Вила Зора” да се чисти земјата од тешките метали. Скромно, но за велешките екологисти, значајно е што сепак имало интерес. На една нива и на три домашни градини и бавчи, деновиве се засади маслодајна репка, која според светските стручни анализи е најголем „чистач” на земјата од тешките метали олово и кадмиум. Нив, според анализите, ги има и до половина метар длабочина во велешката почва.
„Со наша помош ќе биде деконтаминирана почвата на една поголема површина, зад Топилницата и три дворни места, со вкупна површина од повеќе од 2 хектари. Тоа опфаќа анализа на земјата пред засејувањето и по прибирањето на родот, обработка на почвата, засејување и обезбедување на семето, стручен надзор и препарати за одржување на културата. Напролет ќе го собереме родот, маслодајната репка ќе биде преработена во био-дизел со наша апаратура во која е поставена во велешка Маслодајна за што имаме дозвола од надлежното Министерство за животна средина”, изјави Ненад Коциќ претседател на ЕД „Вила Зора”.
Тој посочи дека имале проблем да најдат семе за маслодајна репка, бидејќи во Македонија тешко се доаѓало до него. Дворните места каде што е засеана се во месноста Речани и во Башино Село и тие се сопственост на градинари. Напролет, по прибирањето на родот, ќе се изврши анализа колку е намалено присуството на тешки метали на површините каде што сега е засеана маслодајната репка.
„Сама се пријавив на повикот од екологистите. Површината е веднаш, блиску до Топилницата. Сакам да се обидам, дали може да се исчисти земјата од олово и од кадмиум. И така стои необработена повеќе години, вреди да се проба. Мислам дека со една година нема да се постигне висок резултат, но треба да се почне” изјави Мирјана Најдова-Ковачева, сопственичка на површината.
ЕД „Вила Зора” со идентичен проект почна и пред пет години, но поради отсуство на помош од државата5 паузираа. Тогаш, а и подоцна не добија финансии, за да го реализираат, а годинава парите кои ги добија од Француската амбасада како награда за посветеноста за човековите права за 2015 година, ги вложија во процесот на деконтаминација. „Вила Зора” наградата ја доби заради улогата која здружението ја остварува во Велес веќе 16 години за подигање на еколошката свест. Се надеваат дека годинава ќе има врнежлива есен, оти првиот обид, во есента 2011 пропадна, маслодајната репка не изникна, бидејќи таа бара влага, а таа година беше сушна. Македонија нема законски нормативи за загаденост на почвата, колку таа вредност може да биде максимална, па екологистите се водат според стандардите во ЕУ. „Вила Зора” се обиде со засадување на седум илјади рози пред седум години, по јавните површини во градот, парковите и дворовите од училиштата и детските градинки, да ги намали концентрациите на тешките метали. Но, откако дел од розите ги снема, тие го сопреа овој проект, кој финансиски беше поддржан од Норвешка.
Добри резултати
Во период од две години 2007/09 година, во Велес, се изведе првиот пионерски чекор во Македонија на фиторемедијција – отстранување на тешки метали со помош на растенија и втор на Балканот. За илустрација, кадмиумот во почвата беше исчистен до 77 отсто, споредбено со претходната состојба. На две локации во градот, дворот на ОУ „Васил Главинов” и кај МИ „Брако” беа засадени луцерка, бела детелина и маслодајна репка. По завршувањето на истражувањето, констатирано беше под страна на професорката на Земјоделскиот факултет од Скопје, д-р Татјана Прентовиќ, дека со помош на овие култури, во голема мера е намалено количеството на кадмиумот, цинкот и оловото во земјата.