fbpx
Вести

Со соларните системи се штеди до 240 евра годишно

so solarnite sistemi se shteti do 240 evra godishno

Министерството за економија на крајот од месецов ќе го објави огласот за субвенционирање на вградени соларни термални системи.

Сѐ повеќе домаќинства се определуваат да штедат електрична енергија преку вградување сончеви колектори, што е исплатлива инвестиција со оглед дека земјава има од 240 до 270 дена сончева енергија. Според официјалните податоци, досега се инсталирани околу 16.000 м2 системи за загревање на вода.

Пресметките покажуваат дека преку овие системи домаќинствата можат годишно да заштедат од 1.500 до 2.400 киловатчасови електрична енергија или 14.820 денари годишно, зависно од инсталираниот систем и цената на електричната енергија. Пресметките на Агенцијата за енерегетика се дека инвестицијата се враќа за 5 до 6 години, со оглед на трајноста на системот од 10 до 25 години.

Инвестицијата за вградување на ваков систем, според пресметките на Агенцијата, е просечно од 27.675 денари до 83.025 денари.

Пазарната цена на малите системи што се користат во домаќинствата се движи од 650 до 2.500 евра, а за големите од околу 10.000 до 100.000 евра. Дополнително се плаќа и монтажата која исто така зависи од системот што се вградува, и се движи од 100 до 250 евра за малите системи.

За споредба едно четиричлено домаќинство годишно троши најмалку по 400 евра за топла вода и најмалку 700 евра за затоплување на просторот. Ако 1.200 евра се вложат во квалитетен сончев систем, за четири години инвестицијата ќе се врати.

Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност покажува дека 42 отсто од потрошената електрична енергија е за домашните апарати, 28 отсто за греење, 18 отсто за топла вода, а 12 отсто за осветлување.

Експертите велат дека употребата на соларната енергија во земјава, меѓутоа е ограничена на мал број системи за загревање на вода и многу помалку за производство на електрична енергија. Според енергетскиот биланс, учеството на енергија произведена од сончева енергија, во вкупната потрошувачка на енергија изнесува 7,4 GWh, односно 0,04 отсто.

Официјално досега се инсталирани околу 16.000 м2 системи за загревање на вода.

Ова беше причина и за субвенционирањето на граѓаните кои инсталираат соларни топлински системи кои Министерството за економија ги воведе во 2007 година.

Од Министерството за економија велат дека и годинава ќе има оглас за субвенционирање на сончеви термални колекторски системи. Планирано е да биде објавен до крајот на месецов и ќе трае до крајот на август.

– Годинешниот буџет за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата е зголемен, па наместо досегашните 6 милиони денари, сега изнесува 16 милиони денари, додека условите остануваат исти, односно се надоместуваат до 30 отсто од направените трошоци, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност по домаќинство за 2017 година – информираат од Министерството за економија.

Според критериумите, велат од Министерството за економија, за оваа мерка можат да аплицираат сите домаќинства кои имаат купено и вградено во своите домови колекторски систем во периодот од денот на објавување на јавниот оглас до денот на неговото завршување, а притоа го немаат искористено правото на поврат на дел од средствата за обезбедување и вградување на сончеви термални колекторски системи во својот дом врз основа на претходните јавни огласи на Министерството за економија објавени во 2007, 2009, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016 година.

Доделувањето на средствата ќе се одвива по пат на јавно извлекување.

Досега се субвенционирани 4.237 домаќинства од 14.785 кои конкурирале на огласите за субвенционирање. Вкупно одобрени средства за оваа намена заклучно со 2016 година се 54 милиони денари.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close