Во време кога во земјоделството на нашата држава се случуваат многу турбуленции и многумина се откажуваат од оваа дејност, реткост е да се сретне млад човек кој што сака да се занимава со земјоделство посебно со фармерство.
Иако фармерството се смета за една од најтешките дејности сепак ги има оние што со љубов си ја извршуваат својата работа.
Александар Настовски од с. Сопотница Демир Хисар е еден од ретките млади луѓе кој располага со фарма со крави. Одлучил да одгледува крави во моментот кога треба да донесе одлука за неговата егзистенција и што понатаму? Заедно со неговиот брат ја искористиле онаа земја што ја имале и купиле 5 крави, за денес да имаат фарма со 100 крави.
„Почнавме во 2000 година. Моите предци не се занимаваа со сточарство, но тогаш такви беа можностите, почнаа да се носат јуници од странство и одлучивме да се занимаваме со фармерство. Сега имаме 100 грла и за потребите за нивна исхрана одгледуваме 130 ха земја со пченка, луцерка, јачмен…“, вели за Зелена берза Александар Настовски.
Со успешните апликации преку ИПАРД и Националната програма успеал да ја набави потребната земјоделска механизација потребна за обработка на земјиштето. Ги применил советите од стручните лица така што во моментот неговата фарма е една од поубавите фарми во државата. Ја осовременил и на дневна база произведува во просек по 1 тон млеко.
„Лани фармата ја осовременивме со опрема за слободен систем. Изградивме современо молзилиште во кое може да се молзат истовремено 12 крави. Имаме затворен систем на молзење. Молзилиштето има електронски млеко мерачи и автоматски раце за истргување на молзните единици. Соработуваме со млекарницата Лакталис од каде редовно доаѓаат и го собираат млекото, вели Александар. Резултатите се поголеми со слободниот начин на движење на кравите. Млечноста се зголеми за 20%. Кравите имаат доволно голем простор за движење како и простор за одморање,“ објаснува Настовски.
Се обидуваат да ги применат сите совети од стручните лица за и во идниот период да ја зголемуваат млечноста на кравите. Како што вели Александар исхраната и одржувањето на хигиената се клучни фактори за тоа. Но тука не застануваат плановите на овој млад фармер. Она што следува во најскоро време е зголемување на стадото за нови 64 молзни јуници од Германија за што во моментов се подготвува карантинот каде што ќе треба да престојуваат еден месец пред да бидат внесени во фармата со другите крави.
Малку по малку сонот за современа фарма му се исполнува и секој што сака може да ја посети, вели Александар.
П.Јовановска