вестиМакедонијаТоп вести

Спречен инцидент со физичка пресметка на откупен пункт во Струмица

Големо незадоволство од почетните нереални проценки на тутунот. Врие незадоволството кај тутунарите од проценките на тутунот на самиот старт на откупот.

 

Иако монополите бараат од тутунарите при носењето на тутун на откупен пункт да има од сите класи сепак при проценката најчесто се дава четврта класа и многу малку трета. Со оваа ригидна проценка просечните откупни цени во некои региони во струмичко се движат по катастрофално ниски околу 110 денари, бидејќи четврта класа е 80 денари а трета 150 денари а ништо поразлично не е ниту во околината на струмичкиот регион каде просечните откупни цени според информациите на тутунарските здруженија се движат околу 120 денари. Нереалните проценки биле причина и за малку е избегнат инцидент кога незадоволни тутунари сакале физички да се пресметаат со проценителот на вагата во струмичкото село Ангелци.

-Ние како здружение сме постојано на терен од почетокот на откупот и сме против физичкото насилство кое го осудивме. На тутунарите им укажуваме дека секоја спорна кутија со тутун може да се тргне на страна и да се побара второстепена комисија да ја направи пореално проценката без да се прават инциденти. Голем е револтот кај тутунарите на почетокот на откупот на тутунот и ако вака продолжи мислам дека иако ние им укажуваме дека не е решението да се протестира дека сепак без нас тие самите ќе се организираат и ќе прават блокади на патиштата и протести за да се смени нешто со текот на откупот кој не почна добро рече Маријанчо Трајков претседател на здружението на тутунопроизводители Басмак од Струмица.

Револтот на тутунарите од сите производни региони. И во прилепско долненскиот регион се крајно незадоволни од досегашниот тек на откупот и тоа како се одвиваат проценките на оној тутун што се носи за предавање. Сметаат дека засега оние први монополи кои ги отвориле своите пунктови имаат доста остра линија при проценката што за нив значи ниски откупни цени за трудот и маката која ја вложиле цела година за да го одгледаат тутунот. Од сојузот на земјоделските здруженија засега ги немаат информациите за постигнатите откупни цени од своите повереници туку имаат информации од  земјоделскиот инспекторат според кои просечната цена засега е 170 денари. Тие ги советуваат тутунарите да почекаат уште малку, сите откупни пунктови да ги отворат вратите и тогаш да се види пореално каква ќе биде проценката годинава кога и откупувачите тактизираат со откупот заради залихите кои ги имаат. Од таму не очекуваат да има вишок на тутун за откуп бидејќи по договори има 23 милиони килограми а на терен според нивната проценка имало околу 24 милиони килограми кои без проблем би се откупиле во рамките на можноста од +10% која стои вообичаено во договорите.

Од министерството за земјоделство велат дека многу активно и внимателно ја следат состојбата со почетокот на откупот на тутунот.

-На терен се земјоделските инспектори но иако има реакции на тутунари по медиумите и социјалните мрежи сепак малку е чудно како досега нема ниту една претставка за оспорена проценка за да се побара второ степена комисија која како алатка им стои на располагање на тутунарите каде се вклучува и директно министерството односно подрачните единици. Јас ги охрабрувам сите кои се незадоволни од тоа како е проценет тутунот да ја искористат оваа алатка.

На сите средби кои ги имавме со тутунарите констатиравме дека за жал годинава е нешто послаб квалитетот на тутунот во однос на ланскиот и оној од пред неколку години заради неповолните климатски услови. Секако е рано да се каже дали има проблем со откупот бидејќи само три компании почнаа со откупот на тутунот рече министерот за земјоделство Аријанит Хоџа.

З.Б.

 

 

Слични написи

Back to top button
Close