Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Паневи ги имаат најубавите овоштарници со круши во Селце

Овоштарникот има 600 садници круши од повеќе сорти.

На 7 хектари површина во атарот на Штипското село Селце, лоциран е овоштарникот на вредниот земјоделец Киро Панев. Пред десет години, Киро  останал без работа и одлучил да подигне овошен насад, да работи и заработува, да обезбеди егзистенција за семејството. Заедно со синовите Стефан и Дејан посадиле неколку садници, а денес во овоштарникот одгледуваат повеќе од 2.300 садници-сливи, праски, кајсии и ореви. И покрај тоа што овој крај е повеќе познат по сточарството и тутунот, сепак ова семејство одлучило да ја продолжи традицијата и како земјоделци да ја испробаат среќата во овоштарството на што и сериозно се посветиле.

-Најмногу е застапена крушата. За мене е најголем предизвик, имаме 600 садници круши од повеќе сорти како „Јулска лепотица“ (убавица), „Трпезица“, „Санта Марија“, „Кармен“ и др., рече младиот овоштар Стефан (31), сега дипломиран  агроном. Тој вели дека се пронашол во овоштарството, а љубовта за земјоделието ја наследил од неговиот татко. Сега вредно учи и се надева дека неговиот труд ќе вроди со плод.

-Не се плашам од работа, почнавме со кроење на овошките, вели Стефан и додава дека ланската година била најдобра досега, со план е и годинава да се повтори реколтата доколку нешто не променат пролетните мразови. Лани мразот, направил штети кај кајсијата, но со добра цена на останатите овошки ги надоместиле загубите.

За Паневи не било проблем пласманот на произведеното освен на сливата. Вишната ја предале  во преработувачки капацитети останатото во продавници за свежо овошје и на прекупци.

-Крушата има добра цена оди од  50 до 70 денари по килограм, а сливата за 5-6 денари по килограм. Проблемот со откупот на сливи е најголем никој не сака да ја земе, велат Паневи  на кои лани им пропаднале 20 тони. Во последната земјоделска реколта Паневи продале повеќе од десет тони овошје од насадот, а како што велат ќе имало и повеќе доколку птиците–сојки и дивите свињи не им направиле штети. Велат поставувањето на заштитни мрежи за нив е прескапа  инвестиција.

Овошниот насад на Паневи не е осигурен од штети, а нема  ниту систем  за наводнување, но природата била дарежлива последните години со добра реколта со кои успеале да ги покријат трошоците на производство од кои најмногу за препарати и ѓубрива. Поради непристапниот терен до овоштарникот кој спаѓа во неразвиени подрачја пропаднале и обидите да се постават системи за наводнување. Се надеваат  дека наскоро ќе се реши и тоа.

Пред десет години кога ги посадил првите садници, земјоделецот Киро си ветил дека еден ден ќе направи голем овошен насад во што и успеал, а сега  плановите се насочени и кон тоа да ја испроба среќата и во лозарството и да подигне нови лозови насади. Горд е, на  како што вели, овоштарникот што го имаат  и што  сите работат во него со „полна пареа“. А најмногу од се што го прави среќен е што Стефан и покрај тоа што е млад, работи со голем елан.

-Овоштарството има перспектива и имам мерак да работам, вели младиот земјоделец Стефан, според  кого земјоделската  работа не е тешка, само треба да се има желба.

 

Јулија Малинова за Зелена берза

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close