
Сточарите си ги бараат субвенциите за ланската година
Лани субвенцијата за грло добиток беше 12.000 денари, но државата им исплати на сточарите само по 4.000 денари, останатите пари се неисплатени.
Најголемиот проблем за сточарите во државата е неизвесноста кога ќе ги добијат субвенциите. Се доцни со исплатата со години и месеци, а стоката сака да јади, со изнесување на овој проблем во јавноста денска сточари од Пелагонија преку медиумите бараат одговор од Министерството за земјоделие кога ќе има бидат исплатени заостанатите субвенции по грло добиток и предадено млеко во регистрирани откупувачи.
Тони Петковски, сточар од Велушина кој одгледува 16 молзни крави и 4 јуници пресметал дека државата само за ланската години му должи околу 3.000 евра, за субвенции и ако не ги добие за скоро време ќе се соочи со финансиски проблеми околу набавката на сточна храна и концентрат за кравите. Лани субвенцијата за грло добиток беше 12.000 денари, но државата им исплати на сточарите само по 4.000 денари, останатите пари се неисплатени. Додека за предаденото млеко им должи за цели 6 месеци од ланската година. Петковски работи 20 хектари земја под пченица, луцерка за стоката, пченка, јачмен.
„Како да се преживее со нередовна и неизвесна исплата на субвенциите. Со половична исплата. Ми должат за субвенции околу 180.000 денари, пари кои не се за потценување. Наместо наеднаш да ни исплатат по 12.000 од крава, тие не подлагаа со 4.000 денари по грло. Кај се другите пари? Кога ќе ги земиме парите за млекото? Големи пари се должат кон сточарите, а никој не знаеме кога ќе ги добиеме. Веќе сме 5 март, треба да почнеме со пролетната сеидба со прихраната на житата, се жали сточарот Петковски во Битола.
Тој напоменува дека при последната посета на министерот Цветан Трипуновски во Битола, запрашан за исплатата на субвенциите, не добиле конкретен одговор кога субвенциите ќе легнат на нивните сметки, туку им кажал дека МЗШВ ќе им подели 1.600 хектари државно земјоделско земјиште.
„Земјата ни треба сега, одма, за да почнеме да сееме храна за стоката, да се прехраниме. А и да ни подели земја, ако не е до нашиот атар нема фајде за нас. Кој би правел дополнителни трошоци за гориво ако треба да оди по други атари да ора. И вториот проблем што ако ни доделат земја во мали парчиња по неколку декари, друго е ако земјата е во големи парцели и за нас ќе биде производството порентабилно, напоменува Петковски.
Трипуновски пред битолските сточари кажа дека во делот во Програмата за финансиска помош оваа година има зголемување на субвенциите во делот на сточарството се со цел да се зголеми сточниот фонд и млекопродукцијата. Во врска со земјишната политика ги информира земјоделците дека ЗК Пелагонија има поднесено барање за ослободување на над 1.600 хектари земјоделско земјиште. Токму тоа земјоделско земјиште наредниот период ќе биде ставено на располагање на земјоделците од овој регион, нагласи министерот.
Сточарите како голем проблем ја истакнуваат и сушата и проблемите кои ги имаат со наводнувањето во изминатите години, што ги намалува приносите на житните култури.
Во Пелагонија и битолско од година на година се намалува сточниот фонд, па сточарот Петковски се прашува дали ќе биде „доволно“ да опстојат само три-четири големи фарми во овој крај, ако ја распродадат стоката помалите фармери. Вели дека после долги години сточар од Буково ја затвора фармата со дваесеттина крави оти не може да продолжи да работи со неисплатени субвенции и високи трошоци за сточна храна.
Анета Блажевска