Македонија, со поддршка на ФАО, од февруари годинава ќе почне да спроведува проект за адаптација кон климатските промени, вреден 400.000 долари.
Целта е ублажување на последиците од климатските промени, но и подготовка на земјоделците за полесно справување со негативните влијанија кои допрва ќе бидат изразени.
Според предвидената динамика, најпрво, овој месец, странски експерти ќе ја скенираат состојбата и ќе ги дефинираат приоритетите како основа за натамошна имплементација на предвидените активности.
– Можеби не можеме многу да помогнеме за намалување на стакленичките гасови, но треба да ги преземеме сите мерки и подготвени да ги дочекаме претстојните влијанија од климатските промени во земјоделството, вели ресорниот министер Михаил Цветков.
Во насока на успешно справување со климатските промени, експертите сугерираат примена на лесно апликативни, не многу скапи и економски оправдани адаптивни мерки.
Како што нагласува министерот Цветков, повикувајќи се на најновите анализи, просечната температура во Македонија до 2050 година се очекува да се зголеми за три степени целзиусови, а врнежите да се намалат за осум проценти и да бидат обилни во одредени периоди, но нерамномерни.
Истражувањата предупредуваат и на економски загуби кај стратегиските земјоделски култури, како и на намалување на приносите до 50 отсто. Се смета дека најранлив регион ќе биде Повардарието, а најранлива култура грозјето. Регионот на Струмица, Гевгелија, јужна Вардардска долина, Кумановска долина и Овче поле се рангирани како високо ранливи каде најнегативни последици се очекуваат кај доматот и пченицата.
Во сточарството се прогнозира намалување на добиточниот фонд како резултат на температурниот стрес ефект врз добитокот, а се смета дека локалните раси кои се подобро прилагодени на локалните услови ќе бидат поотпорни на посувите и потоплите климатски услови проектирани за во иднина.
Меѓу најголемите ризици од климатските промени во наредните две до три децении, е појавата на нови болести и штетници во растителното и сточарското производство.
Активностите на Македонија во делот на климатските промени ќе бидат фокусирани главно на наводнувањето за кое, следните десет години, до 2025-та, треба да се вложат 200 милиони буџетски средства. Ќе се рехабилитираат постоечките системи и ќе се градат нови, модерни, капка по капка и со распрскувачи, кои ќе заштедат вода.