СТАТИСТИКА: Што јадат и пијат Македонците?
Македонците јадат големо количество на компири, пиперки, домати, ориз на годишно ниво, но многу помалку јадат леќа, туна, соја.
65.4 килограми пипер конзумирало едно домаќинство во 2017 година во просек и 49.8 килограми домати. Компири едно домаќинство лани трошело во просек по 103.1 килограм. Се троши по 21.6 килограми грав, и 4.2 килограми леќа. Лубеници во просек се конзумирале по 48.8 килограми, 13 килограми праски, 39.5 килограми јаболка, 24.6 килограми портокали, 26.3 килограми банани, 17.6 килограми грозје по домаќинство.
Годишно едно семејство конзумира 646 јајца, 21.9 килограми сирење, 51 литар јогурт, 17.6 килограми ослич, 21.2 килограми макарони, 32.5 килограми пилешко месо, 12.5 килограми свинско месо, 26 килограми ориз.
8.3 килограми кафе пиело едно домаќинство лани во просек, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Од друга страна македонските граѓани во просек јадат по 4.2 килограми млечно чоколадо, а се трошат по 38 килограми шеќер по домаќинство.
Нутриционистот Фани Гулевска вели дека податоците ја отсликуваат нашата традиција, поднебјето, навиките како се храниме.
„Генерално така се храниме ние во Македонија, пиперки, домати, се готви онака како што готвела бабата, мајката. Не е дека нас кујната ни е сиромашна, но навикнати сме да има компир на трпезата, било да е тоа варен, печен, да има пире. Се јаде повеќе месо од риба, иако не би требало да биде така. Такви ни се на нас обичаите, но влијание има и цената, затоа што поевтино е да се купи пипер, патлиџан, да се зготви, отколку нешто егзотично или поскапи печурки. Сега има некои новитети, се готват различни видови печурки, а порано се користеа претежно шампињони. И брзото темпо на живот си го прави своето, па така децата јадат она што бабите ќе зготват додека родителите се на работа“, вели таа.
Но, граѓаните велат дека не секогаш можат да си дозволат сè што ќе посакаат со оглед на висината на платите.
„Мислам дека луѓето кога влегуваат во продавница да купуваат, ги гледаат и цените и она што според џебот можат да си го дозволат. Така правам и јас. Купувам ориз, пилешко, тестенини, зеленчук, но многу ретко печурки, кашкавал, или некое поскапо сирење“, објаснува Елена М, домаќинка.
Соја се конзумира по 0.4 килограми, 1.6 килограми туна, ореви 0.6 килограми, 7 килограми спанаќ, 1.3 брокула, 5.2 праз, 6 килограми од модри домати, 4.6 килограми боранија, 1.7 килограми карфиол, 6.1 килограми маслинки, 37.5 килограми зелка, 1.3 килограми суви печурки, и 10.7 килограми кашкавал.