Градинарите во есен најмногу сакаат ножици! Кај некои растителни видови во градината, тие се неопходни во доцна есен, а некои баш и не сакаат многу „стрижење“. Кои од нив треба да се режат, а кои не?
Есенското лето во некои градини е волшебно. Но, градинарите, колку убавина и да извира, не би требало да бидат сентиментални. Резидбите се лековити, со цел идната сезона, да уживаме во растенијата во дворот. Некои видови бараат радикално режење, а некои само делумно. Хортензиите, на пример, не сакаат ножици, затоа што тие баш такви неизрежани, се штитат сами себе од мразови. Некои видови бараат и дополнителна заштита, како би можеле полесно да ги поднесат големите снегови.
Растенијата, како на пример бршленот, трипрсните и петпрсните диви лози, лазачката хортензија, се најчести украси на ѕидовите или оградите во дворот. Некои од овие видови, најубави се во есен кога бојата на листовите им се менува, па од зелена преминува во жешко црвена и бакарна. Уживајте во колоритот додека сеуште можете, но кога лисјата ќе паднат, морате да ги земте ножиците во раце. Кога ќе паднат листовите и ќе останат голи гранки, кои со тежината го одделуваат растението од подлогата, потребно е да ги скратите.
Исто така, се што преминува преку ѕидовите и оградите треба да се скрати. Растенијата, од типот на орлови нокти, синиот дожд или вистеријата бараат две режења годишно – едно летно и едно зимско. За зимскотоидеално време е токму сега, на крајот на октомври, кога ќе паднат листовите.
Резидба во фазата на мирување, освен кај зимзелените дрвја
Листопадните украсни дрвја се режат во фазата на мирување, пред крајот на есента или зимата. Овие дрвја, единствено не треба да ги режете на крајот на зимата или во рана пролет, затоа што тогаш стеблата во текот на режењето „плачат“. Но, јворите, брезите, дивите ореви, костените, црешите испуштаат сокови, односно „плачат“, дури и кога се режат на крајот на периодот на мирување. Нив треба да ги зарежувате од средината до крајот на летото.
Зимзелените украсни дрвја не бараат посебно режење, освен што пред крајот на летото, треба да им ги отстраните изумрените и болни гранки. Ако тоа веќе не сте го направиле, можете да го искористите и Михолското лето за нивно отстранување.
За резидба на живата ограда, најдобра е фазата на мирување. Во есен, најдобар за тоа е октомври, додека сеуште не почнале мразевите. Ова правило, посебно важи за листопадните живи огради. Повеќегодишните, остарени живи огради, а посебно оние кои имаат „дупки“, викаат за радикална резидба. На тој начин, ќе ги подмладите за следната сезона. Се сечат дрвенести делови, се до најдебелото стебло, на висина околу половина метар. Радикалната резидба е најдобра пред зимата, но температурата не смее да биде пониска од минус пет степени.
Зелениката (шимширот) режете го во облачни денови, на тујата не и треба најлон
Тујата, просто ги мами градинарите да ја сечкаат, а таа е благодарна за режењето. Туја смарагдот е прва на листата, затоа што од неа можете да правите форми какви што сакате. За режење, најпогодни се ножици или тример со кој ја сечите живата ограда, а времето на режење зависи од тоа што сакате да постигнете од тујата. Ако сечите зелена маса до 20 сантиметри, можете тоа да го направите во било кое време од годината. Доколку сакате или потребно е, радикално да ја режите, тогаш тоа направете го во рана пролет или точно сега – во есен.
И уште една превентивна мерка за тујата пред зимта. Врзете ја во сноп со обичен коноп, со цел снегот да не ја искрши. Никако не треба тујата да ја завиткувате со најлонски вреќи или проѕирни фолии. Ќе се загуши.
Зелениката (шимширот) се режи неколку пати годишно. Идеално време е април – мај, кога почнува вегетацијата. Ова растение добро го поднесува режењето, но не претерувајте. Режење е дозволено и во есен, но мора да бидете внимателни и за тоа да изберете соодветен ден. Шимширот не сака премногу сонце, кога го режите, така што за оваа работа идеален е обичен ден.
Магнолијата немојте, розите само малку, а хортензијата никако
Магнолијата не смее да се режи во есен или зима. Нивното време за режење е веднаш после првото цветање во пролет. Важно е правилото дека никогаш не треба да отстранувате, повеќе од една третина маса, затоа што тоа е голем стрес за растението. Најдобро е редовно и постепено отстранување на изданоците во текот на неколку години. Ова правило не важи доколку забележите оштетени, болни или суви гранки. Тие се режат во било кое време од годината.
Есенската резидба на розите, се одвива во ноември. Со оваа резидба само делумно се отстрануваат гранките. Потребно е да се одрежат големите, завиткани или оштетени гранки, како не би ги скршил снегот. Кај ружите во есен се одрежуваат шест до седум пупки и тоа се прави од претпазливост. Ако замрзнат ќе настрадаат само окцата на врвот. Режењето на новопосадените рози се прави напролет.
Хортензијата не треба да се режи во есен. Таа добро ја поднесува зимата, а со својата зелена маса само се штити, затоа што лисјата ја покриваат внатрешноста на грмушката. Неизрежаните гранки во текот на есента се собираат и врзуваат и вака подготвената грмушка е подготвена за зимата и ниските температури.
Валентина Соколовска
за Зелена берза