fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Васко Јончиќ – Оставени сме на милост и немилост на прекупците

Да се произведе повеќе и поквалитетно е предизвик на секој земјоделец, но да се продаде е најтешката работа. Според земјоделците откупните цени се многу ниски со што им се обезвреднува трудот.

Иднината и развојот на земјоделството во Македонија е предизвик само на  мал број млади земјоделци. Mоментално го крепи и одржува онаа постара генерација која со крајни сили се надева дека сепак нешто ќе се смени и земјата нема да остане не сработена.

– Земјоделието во Македонија ќе спласнe  оти младите гледаат дека во земјоделието нема пари. Зошто да работи без пари? Сакаат да работат ама и да бидат вреднувани.  Ако им се исплати децата  нема да заминуваат, од убаво никој не заминува. Ние сме последна генерација, понатаму ќе биде малку потешко. Младите сега не сакаат  да ораат. Сакат компјутери, фотелји , канцеларија… Јас уште колку ќе работам?… Десеттина години и толку ќе биди.  Тешко дека син ми ќе продолжи, рече за Зелена берза Васко Јончиќ земјоделец од с. Новаци.

Го сретнавме во селската продавница како се разладува  и муабети со жители од селото разговарајќи за актуелни теми од животот. Кој колку сработил, кој колку ожнеал што е следно за работа и им се исплати ли? Не дека политиката не ја споменуваат, ама таа нема да им ги сработи нивите, а она што ќе излезе од нивите дали ќе биде доволно за живот?

-Работам земјоделие како дополнителна дејност, Не работам за дополнителна заработувачка од што сакам, туку за да преживееме, бидејќи она што го заработувам каде што сум вработен не стига за живот, објаснува Јончиќ.

Пченица, пченка и јачмен се културите што ги одгледува на околу 10 хектари површина. Се занимава и со свињарство и како што вели дел продава, а дел остава да се има за дома. Сепак најмногу се исплати пченката. Ја има застапено на 5 хектари и оваа година очекува  да биде родна за што добро се погрижил, од примена на квалитетно семе, па ѓубрење, наводнување (оти пченката сака многу вода) и сите оние агротехнички мерки, но загрижен е за продажбата.

-Најмногу се исплати моментално пченка , таа дава нешто повеќе. Сè правиме , но најголемата мака и тежина е да продадеме. Продажбата ни е најголема тежина. Се молиме одиме по прекупци, не уценуваат, државата не сака рака да стави на нас, да не сослуша барем. Ние ќе посееме, ќе произведеме, ќе платиме ѓубриво ( цените на ѓубривото се заминати  до небо)  и ко ќе дојди на крајот да продадеме ќе не уценуваат. Ако сакаш донеси го, ако не, не мораш, ни велат откупувачите. Ние  произведуваме  за да  продадеме, а не за да го чуваме дома. Јас ќе произведувам 50-60 тона пченка во зрно. Што ќе му правам дома, ќе ја варам? НЕ, објаснува Васко, револтиран што цената  на пченката е многу ниска.

-Пченката не треба да биде под 11-12 ден/кг, а не уценуваат  за 7-8 ден. Тоа е мизерија, оставени сме на милост и немилост на прекупците, тие си ставаат цени, тие си ставаат пари в џеб, а за нас само работата, додава Васко.

Вели дека слично е и со пченицата.  Оваа година приносите му биле задоволителни и се движат од 6-6,5 тони по хектар, а цената по 9,5 ден/кг што според него е многу ниска. Смета дека државата треба да обрне повеќе внимание на овие две култури бидејќи тие се стратешки производи за нашата држава.

Исто така смета дека треба да се направат промени и во начинот на субвенционирање на овие култури.

-Јас не земам субвенции бидејќи земјата што ја обработувам не е целата моја и немам договори за закуп.  Субвенционирањето  треба да се направи не на површина туку на кг произведено.  Кој колку ќе произведе толку субвенции нека земе.  Јас гледам како во полето се сади. Само со тањирачата ќе се помини нивата, ќе се посее и после ништо друго, ако се стори арно, ако не субвенции ќе си  земе. Тоа е грешка на државата. Останува земјата необработена, а субвенции државата дава. Треба да биде на предадено, колку ќе продадеш толку ќе земеш. Ама што  е тоа е. Што да правам, носталгија ме мачи и не ми се остава земјата. Оставена е од дедо прадедо, да ја оставам да растат трње, не сакам, не ја оставам, дури можам ќе ја работам, рече за Зелена берза Васко Јончиќ.

Според Програмата  за субвенции за 2020 година, субвенциите  за пченица, јачмен, пченка изнесуваат 12.000 денари по хектар со сертифициран семенски материјал, а за површината од 5 до 50 хектари субвенциите се 14.400 денари по хектар со задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал.

П.Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close