
Сточарите бараат да почне откупот на јагнето и цената да не биде под 300 денари за килограм, бараат итна средба со Трипуновски
Кланичарите ги ставаат во незавидна положба сточарите, чекаат да се собере јагне, да се зголеми понудата и да ја срушат цената на најниско можно ниво“, велат огледувачите на овци по средбата во Прилеп.
Вчера во Прилеп се собраа преку 200 одледувачи на овци незадоволни од мементалната ситуација во која се наоѓаат сточарите. На средбата беа сточари од Прилеп, Битола, Ресен, Охрид, Дебар, Кичево, Македонски Брод, Кавадарци, Велес со силна поддршка и од сточари од сите други градови кои поради обврските не стасаа да присуствуваат на средбата.
Пораките од собирот на одгледувачите на овци во Прилеп се дека ситуацијата е сериозна со тоа што нема откуп на јагнето иако има сточари чии јагне е стасано за продажба. Недоисплатените субвенции за 2024, неисплетената премија за млекото за 9 односно 10 месеци од ланската година и забраната за извоз на јагнето за Косово и Албанија поради присуство на болест кај овците и козите во кумановско ја комплицира состојбата во сточарство.
„Нема откуп на јагне, има сточари што можат да понудат јагне, ама нема каде, никој не откупува. Не знаеме што цена ќе понудат кланичарите, молчат, тактизираат, манипулираат. Кланичарите ги ставаат во незавидна положба сточарите, чекаат да се собере јагне, да се зголеми понудата и да ја срушат цената на најниско можно ниво“, велат огледувачите на овци по средбата во Прилеп.
Порака на насобраните сточарите што сакаат да ја испратат до МЗШВ и до кланичарите е јасна дека под 300 денари за килограм живо јагне нема да прифатат да го носат јагнето во кланица. Ако цената е пониска тогаш бараат разликата од откупната цена до 300 денари да ја надомести државата и да ги обештети.
„Сточарите не можат повеќе да издржат со ваквите ниски цени, најниски во регионот. Во Алабнија килограм јагне живо е 8 евра на откуп, во Косово исто така, во Бугарија и Грција околу 9 евра за килограм живо јагне. Македонија има најевтино јагне и пак сакаат да ни го земат за беспари. Ако јагнето годинава отиде за 4 евра на откуп како што се токми работата со откупот, тоа ќе значи крај на сточарството во државата, затворање на трлата. Затоа ако јагнето е под 300 денари на откуп, разликата да ја надомести државата“, велат сточарите по средбата.
Оттука одгледувачите на овци бараат итна средба со министерот Цветан Трипуновски и не како што беше таа пред некој ден со неколкумина одбрани претставници на одгледувачите на овци и кланичарите, туку во поширок состав со претставници на сите сточарски здруженија и поединци одгледувачи на овци.
„Бараме итна средба со министерот за тешката состојба во која е втурнато сточарството поради конитуирана негрижа од држвата. Иако министрот Трипуновски пред некој ден се сретна со одгледувачи на овци и претставник на Сојузот, сакаме да упатиме порака дека тој Сојуз нема легитимитет со нелегано поставен претседател. Затоа бараме средба во поширок состав оти јагнето расти не чека“, велат одгледувачите на овци.
Сточарите апелираат државата да им ги исплати заостанатите субвенции од 2024 година на сточари што останаа без пари поради неисполнување на критериумот 50 проценти од јагнињата од вкупниот број на овци да бидат предадени во кланица. Во најбрз можен рок да се исплатат субвенции за 2025 година по грло, бидејќи за ланската години укинати се критериумите, така што ни 50, ни 30 проценти од јагнињата не требаше да се носат во кланица.
„Ако 2025 ја промашат и ја исплатат во 2027, како што направи власта сега кога субвенциите за 2024 ги исплати пред Нова година ќе дојде најлошото за сточарите три години да не земат субвенции“, порачуваат одгледувачите на овци од средбата во Прилеп.
Анета Блажевска
















