Сточарски календар за месец јануари
Говедарска фарма, овчарство и козарство
Говедарска фарма
Во зимските месеци вниманието кон животните не треба да слабее. Крајните
економски резултати бараат одржување на висока продуктивност преку целата година. За добивање на повеќе и поквалитетно млеко соодветно на расата, наследните и
индивидуалните карактеристики на животните, потребно е да се посвети сериозно внимание на исхраната на кравите во зимскиот период од годината, како најважен и клучен услов. Дажбите за кравите треба да ги содржат потребните хранливи материи:
протеини, јаглени хидрати, масти и да бидат богати со витамини, минерални материи и др. Во зима, дажбите за кравите се состојат од концентрирана храна, сено, сочна фуражна храна (силажа, сточна репка и др.), како и други кабасти и помалку квалитетни хранива (слама, плева, растителни остатоци од пченка). Обично кравите се хранат 2-3 пати на ден. Различните видови на храна им се даваат по следниов редослед:
концентрирана, сочна (или и двете истовремено) и на крај кабаста сточна храна. Пожелно е пред давањето храната да биде претходно обработена – исечкана, меласирана, запарена итн. Кога е во мала количина, сеното се дава наутро и на пладне во мали порции. Во зима кравите се напојуваат онолку пати колку пати што се хранат, па ако не им е осигурен постојан пристап до вода, или водата е замрзната, треба да се усогласат со условите. Остатоците од храна во јаслите треба да се чистат пред секое следно
хранење на кравите, за да се избегнат гниењето и ферментацијата. На 100 кг жива мера се дава 1-1.5 кг сено и 3-5 кг силажа. Количеството на концентрирана сточна храна (житарици, трици, ќуспиња, и др.) зависи од дневната млечност на кравата – се дава 200-300 g на 1 литар млеко. Кај нископродуктивните животни – со млечност за лактационен период од 1800-2200 л и 3,8-4% масленост на млекото во текот на зимата, на кравите им се дава по 4-6 килограми сено, 2-4 кг слама и растителни остатоци од пченка, 20-25 кг сочна сточна храна (силажа и репка) и по 2-3 кг концентрирана сточна храна дневно.
Овчарство и козарство
Во голем дел од фармите во рамничарските подрачја, почетокот на годината се
совпаѓа со периодот на јагнење. Затоа треба да се посвети сериозно внимание на
исхраната на приплодните овци во текот на овој период на годината – вториот период на
бременоста или периодот на доење на новородените јагниња. Во вториот период на бременоста, барањата на животните се зголемуваат со 15-20%. Храната за овците во овој период треба да биде таква што ќе обезбеди повеќе компоненти – по 0,3 килограми концентрирана сточна храна со трици или мешавина со пченка, до 3 килограми ливадско сено, 0,5 кг луцеркино сено, 1 кг сточна репа и до 0,5 килограми слама. Периодот на доење (првите два месеци по јагнењето) се карактеризира со нагло зголемување на барањата на животните. Дневната доза на една овца треба да вклучува околу 0,4
килограми смеска од 2-3 вида концентрирана храна (пченка и јачмен во вид на крма), 1,5 килограми ливадско сено, 2 кг силажа, 1 кг слама и околу 10 г минерални материи.
Камена сол се дава по желба.
Во месец јануари започнува и окозувањето на козите. За нормално раѓање на јарињата
потребен е целосен мир на мајките, да биде добро исчистено, релативно топло, суво и да
нема провев во просторијата. Просторијата се чисти, главно се дезинфицира две недели
пред окозувањето на козите. Потоа подот се прекрива со дебел слој чиста сува слама. Во
последните денови до окозувањето, треба внимателно да се следи однесувањето на
бремената коза, за да ѝ се укаже потребната помош при потреба. Со наближувањето на
породувањето, козата станува вознемирена, често легнува, станува, жално блее, вимето
се зголемува, половиот орган отекува и од него истекува слуз. Породилниот чин
започнува со прикажување на породилниот меур. При нормално раѓање, меурот не се
раскинува, тој пука сам. Нормалното породување обично трае 30-35 мин., а кај младите кози кои се прворотки трае 40-45 минути. При нормална положба на плодот, кога најнапред излегуваат колената на предните нозе на кои лежи главата, раѓањето е лесно и помош не е потребна. При неправилна положба на плодот, кога излегуваат предните нозе, а главата не се појавува, бидејќи е свртена наназад, или плодот лежи дијагонално или излегува од задниот дел, треба да се побара помош од ветеринар.