Стопанската комора предлага итни мерки за агросекторот
Од анализата што ја направи Стопанската комора на Македонија произлегоа поразителни податоци за што комората предлага итни мерки за агросекторот.
Промена на начинот на субвенцонирање во земјоделството, окрупнување на земјиштето, инфраструктурно уредување на руралните средини како и поддршка на големите компании се дел од препораките што во моментот се неопходни за иден развој на земјоделството на Македонија.
Иако до сега на име субвенции се исплатени милионски суми сепак нема очекувани развојни резултати од тоа.
Производство на пченица речиси и да нема, млечната индустрија работи отежнато, сточниот фонд драстично се намалува, а се зголемува увозот на месо, а згора на се, се работи со застарена технологија, алармираат стопанствениците.
-Од 20 милиони евра поддршка во 2006 година до скоро 200 милиони денес, потрошени се речиси една милијарда евра за земјоделството, но резултатите се поразителни. Начинот на субвенционирање мора да се смени за конечено да се разграничат вистинските земјоделци, професионалците, од оние кои добиваат поддршка, но не прават ништо за развој на производството. Мора еднаш да се направи пресек за некои работи, што можеби е болно, но само така за кратко време фармерите ќе се преструктуираат и ќе тргнеме во вистина насока ако сакаме да движиме кон ЕУ. Доста беше веќе традиционално производство, треба да се поддржат бизнис ориентираните, професионални производители, истакна Васко Ристовски, од Стопанска комора на Македонија.
И додека стопанствениците бараат итни мерки за спас на секторот, се зголемува бројот на земјоделци кои се откажуваат од земјоделство, а многу мал е бројот на млади кои одлучуваат да се занимаваат со оваа дејност.